Во оставката адресирана до Управниот одбор на Националната установа, в.д. директорот Миха Оџаклиевски вели дека одлуката ја донел од личен морален и етички чин и покрај тоа што, како што наведува, во конкретниот случај не е прекршен ниту еден закон, правилник или друг акт, ниту е постапено спротивно на која било одлука на УО на институцијата
В.д. директорот на Националната установа Историски музеј – Крушево, Миха Оџаклиевски, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата по случајот со косовскиот рапер Дон Џони, кому му било дозволено да снима делови од спотот за својата песна „Секси мама“ во споменикот „Македониум“.

Во оставката адресирана до Управниот одбор на Националната установа, Оџаклиевски вели дека одлуката ја донел од личен морален и етички чин и покрај тоа што, како што наведува, во конкретниот случај не е прекршен ниту еден закон, правилник или друг акт, ниту е постапено спротивно на која било одлука на УО на институцијата.
- Делови од спот на рапер од Косово снимени во „Македониумот“ – споменикот му бил отстапен за 500 евра
„Постапката за која се отвори прашање била дел од веќе воспоставена и претходно применувана практика во институцијата. Сепак, свесен сум дека она што е правно дозволено не секогаш е доволно за да се зачува највисокиот степен на доверба што јавноста со право го очекува од една јавна институција. Во конкретниот случај, и покрај тоа што немало намера за прекршување на закон, правилник или одлука, направен е ненамерен пропуст во проценката на начинот на кој одредена постапка може да биде разбрана од јавноста“,
вели в.д. директорот Миха Оџаклиевски.

Тој во оставката ѝ се извинува на јавноста за, како што вели, ненамерниот пропуст. Вели дека неговата оставка од функцијата подразбира подготвеност да понесе одговорност кога јавната доверба е доведена во прашање.
„Моето извинување не е формалност, туку израз на почит кон граѓаните и кон институцијата на која ѝ служев. Оставката ја поднесувам со чиста совест во однос на законската одговорност, но и со целосна свест за моралната одговорност што ја носи функцијата што ја извршував“,
пишува Оџаклиевски во оставката.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно денеска рече дека од министерот за култура и туризам Седат Сулејмани ќе побара да бидат разрешени директорот и членовите на Управниот одбор на Националната установа Историски музеј – Крушево, под чија надлежност е и споменикот „Македониум“. Мицкоски им се извини на граѓаните за направениот пропуст, оценувајќи дека ваквиот тип објекти не треба да бидат изнајмувани и користени за намени како во случајот – снимање спот за песната „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони.
