Судењето треба да продолжи утре (1 октомври) со изведување материјални докази на одбраната на обвинетите, од чија страна како сведоци се предложени 244 лица, информира претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, на денешниот брифинг со новинарите
Судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, се одвива според предвидената динамика и досега не е одложено ниту едно рочиште. Но, судењето кое почна пред речиси една година (на 19 ноември 2025 г.) е далеку од завршување, ако се земе предвид дека постапката треба да продолжи со изведување на докази и сведоци на одбраната.

Имено, како што информира претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, на денешниот брифинг со новинарите, од почетокот на судскиот процес досега се одржани вкупно 49 рочишта. Од нив девет биле лани, 40 до средината на септември, а до крајот на оваа година се закажани уште 15 рочишта од главната расправа.
Обвинителството со изведување на доказите и сослушувањето на сведоците заврши на 14 септември. Застапниците на обвинението, според статистиката на Кривичниот суд, изведоа 1 390 материјални докази, а во судницата во Идризово беа сослушани 45 сведоци предложени од нивна страна, како и пет вештаци.
Судењето треба да продолжи утре (1 октомври) со изведување материјални докази на одбраната на обвинетите, од чија страна како сведоци предложени се и 244 лица.
На брифингот стана збор и за мерката притвор на првообвинетиот сопственик на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, кој истекува на 3 октомври и согласно Законот за кривична постапка не може да му биде продолжуван понатаму, бидејќи в сабота изминува една година откако е одобрен обвинителниот акт за случајот.
Одбраната на Јованов на рочиштето на 21 септември го извести судот дека тој нуди гаранција од 12 милиони денари или околу 200 илјади евра во недвижен имот. Тој ја понуди гаранцијата иако тоа не е задолжително, бидејќи притворот секако му истекува в сабота, но, како што рече неговата бранителка Ивана Коцевска одговарајќи на прашање на судот, нејзиниот клиент се решил на ваков чекор со цел да ја увери јавноста и родителите на загинатите во пожарот дека нема да избега.
Од Кривичен велат дека одбраната го поднела барањето за определување гаранција наместо притвор, но сè уште се чека мислење од Обвинителството за да може судот да одлучи по него.
„До денеска не се вратени од Обвинителството. Сè уште нема мислење и ние не можеме да одлучиме. Притворот истекува на 3 октомври. Ќе почекаме до петок“,
рекоа од судот на денешниот брифинг.
Предметот за пожарот во „Пулс“, кој се наоѓа во доказна постапка, го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во случајот се обвинети вкупно 34 физички лица и три фирми. Сите се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет и за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
