Договорот ги обврзува компаниите да воспостават внатрешни механизми за следење на способностите и потенцијалните ризици на своите системи за вештачка интелигенција, особено во области како кибербезбедност
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека со раководителите на најголемите американски технолошки компании и компании за вештачка интелигенција во Вашингтон потпишал морално обврзувачки договор за контрола на вештачката интелигенција. Тој го опиша документот како морално обврзувачки и додаде дека неговата администрација размислува да формира тело за надзор.

„Документот на некој начин е како Устав. Го потпишаа најголемите луѓе во светот, го потпишав и јас како претседател, и тоа навистина претставува еден вид заштита. Размислуваме за формирање комисија која би имало околу десет членови кои ќе ја надгледува целата работа“,
изјави Трамп по средбата со раководителите на технолошките компании во Белата куќа.
Договорот го потпишаа извршните директори на „Антропик“, на „Гугл“, на „Мета“, претседателот на „ОпенАИ“, извршниот директор на „Енвидија“ и Илон Маск, извршен директор на „Тесла“, „СпејсИкс“, „Икс“ и „ИксАИ“.
Тој ги обврзува компаниите да воспостават внатрешни механизми за следење на способностите и потенцијалните ризици на своите ВИ-модели, особено во области како кибербезбедност. Компаниите се обврзуваат да преземат мерки за да спречат нивните системи базирани на вештачка интелигенција самостојно да вршат неовластени кибернапади. Предвидено е компаниите да имаат и специјализирани тимови кои ќе проверуваат дали безбедносните мерки функционираат, а независни надворешни проверувачи ќе вршат дополнителни проверки.
