Од Владата соопштија дека пред повторното ставање на објектот во редовна функција, потребно е да се извршат сите неопходни технички и безбедносни проверки
Владата им препорача работа од дома на вработените во осумте државни институции кои се сместени во зградата на поранешна „Нова Македонија“ во Скопје, откако во објектот пукна топловодна цевка и го поплави. Водата навлезе и во дел од електричните инсталации. Поради тоа, од Владата соопштија дека пред повторноТО ставање на објектот во редовна функција, потребно е да се извршат сите неопходни технички и безбедносни проверки.

„Оваа мерка се презема исклучиво од превентивни и безбедносни причини, при што приоритет останува заштитата на здравјето и безбедноста на вработените, паралелно со непречено продолжување на работните процеси и функционирањето на институциите“,
соопштија од Владата по денешната редовна владина седница.
Во меѓувреме, додаваат оттаму, надлежните служби интензивно работат на санација на последиците.
Поранешната зграда на „Нова Македонија“, во која сега се сместени повеќе владини институции, ноќеска околу полноќ била поплавена откако на вториот кат од зградата пукнала топловодна цевка. На местото веднаш реагирало обезбедувањето на МВР, а струјата во објектот била исклучена од безбедносни причини.
