Скопскиот градоначалник најави дека ваквите акции ќе се одржуваат двапати месечно
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во објава на Фејсбук најави дека утре во главниот град ќе се одржи најголемата еколошка акција досега. Почетокот на акцијата е закажан во 10 часот, а покрај неколкуте илјади волонтери, во неа учество ќе земат и градоначалниците на скопските општини, претставници на амбасадите, ученици, јавни личности, спортисти и граѓани. Во акцијата ќе бидат опфатени сите општини во Скопје.

„Целта е да покажеме колку можеме кога сме сплотени и кога љубовта кон својот град ја претвораме во дело! Заедничката грижа за градот ќе ја покажеме насекаде, затоа што секое маало заслужува чиста и уредена околина. Ве повикувам сите што го сакате овој град да бидете дел од акцијата. Повикајте ги пријателите, соседите, колегите. Да ги засукаме ракавите и заедно да се погрижиме за улиците по кои секојдневно поминуваме, за парковите во кои растат нашите деца и за маалата што ги нарекуваме свој дом“,
порача скопскиот градоначалник.
Ѓорѓиевски најави дека ваквите акции ќе се одржуваат двапати месечно, оценувајќи дека ваквата иницијатива ќе се претвори во традиција со која, како што рече, Скопје ќе се гордее.
„Да создадеме навика што ќе трае и по завршувањето на секоја акција. Да ги научиме најмладите на одговорност преку нашите постапки, а на секој што несовесно фрла отпад да му покажеме дека зад чисто Скопје стојат илјадници луѓе што се грижат, работат и нема да се откажат од својот град! Само сплотени можеме да ја подигнеме свеста и да направиме грижата за јавниот простор да стане наша секојдневна навика. Нека оваа акција биде почеток на една убава промена што сите ќе ја гледаме, но и сите ќе ја чуваме!“,
додава градоначалникот на Скопје.
Ѓорѓиевски неодамна информира дека во тек е постапка за поставување камери на јавните површини за побрзо откривање и санкционирање на луѓето што несоодветно одлагаат отпад.
