Целата таа бирократизација, доколку успееме некако да ја сведеме на минимум, мислам дека ќе даде простор и за побрзо функционирање и подобри услови и за приватниот сектор, оценува генералниот директор на „Алкалоид“

На општеството во Македонија му треба сеопфатна борба за да изнајде начин како луѓето да бидат помотивирани и да не се иселуваат. Ова е став на Живко Мукаетов, генерален директор на фармацевтскиот гигант „Алкалоид“, кој по повод 90-годишнината на компанијата е гостин во новото издание на „360 степени“ на МРТ 1.
Тој смета дека луѓето што се потенцијал се недоволни препознаени во земјава.
„Имаме, за жал, низ годините ерозија на системот на вредности. Недоволно ги препознаваме талентите, знаењето, луѓето кои се потенцијал. Некако многу лесно се откажуваме од нив. Вие, ако ја земете само онаа анализа дека за еден доктор да се изгради низ системот во Македонија, само за да заврши медицински факултет, дека се трошат повеќе од 60 000 евра, а дека шест минути во просек треба за одлука за да реши да се исели, тоа навистина е фасцинантно. И мислам дека ако сакаме да ги задржиме младите ние треба многу повеќе сите да работиме на систем на меритократија, помалку политократија, јас би рекол“,
вели Мукаетов.
Смета дека е потребно и намалување на бирократизацијата, а напоменува и дека институциите би можеле да се поефикасни преку дигитализација.
Според него, сите чинители во општеството треба да водат грижа за да се задржат младите во Македонија.
„Знаете како е – не е само условите кои ги има еден индивидуалец на работното место, говориме за целиот пакет што го добива во една држава. Значи, тука говориме за квалитет на воздух, образование, здравство и така. Така што, по мене, целата таа бирократизација, доколку успееме некако да ја сведеме на минимум, мислам дека ќе даде простор и за побрзо функционирање и подобри услови и за приватниот сектор да може подобро да се развива, со тоа нели да биде поуспешен, да овозможи и поголеми примања на своите вработени. А, од друга страна, и даноците кои се плаќаат да бидат поголеми, од кои, пак, на крајот на денот целиот јавен сектор треба да функционира и да издвојува средства за да може да има за сите овие делови што ги кажавте“,
смета Мукаетов.
Инаку, Живко Мукаетов е на чело на „Алкалоид“ во последните 20 години.
