Првиот човек на „Алкалоид“ вели дека членството на Македонија во Европската Унија би отворило значајни можности за домашните компании и не би претставувало закана за нивното работење наспроти убедувањето кај дел од јавноста дека најуспешните македонски бизнисмени се против влез на земјава во ЕУ

Како аргумент за тврдењето дека земјава и бизнисот би имале само полза од влезот во ЕУ, Мукаетов го користи примерот на „Алкалоид“, кој со години е присутен на пазарот на Европската Унија, каде има регистрирано повеќе од илјада лекови. Приемот во Унијата, според него, би донел полесен пристап до единствениот европски пазар, до фондови за равој и до размена на знаења и вештини.
„Можам да ви кажам конкретни примери, чисто за споредба, за да се видиме каде сме ние од позиција на компанија чија база е во Македонија версус компанија од Европската Унија. Еве, да тргнеме да се споредуваме, на пример, со една компанија од Полска. Ние имаме домашен пазар од 2 милиони, тие имаат домашен пазар од 40 милиони. Потоа тука е пристапот до инвестиции, до средства. Фондовите на Европската Унија покриваат до 50 отсто од сè што инвестирате во истражување и развој во производството (за полската компанија, н.з.). Максималната сума која ние може да ја добиеме е 10 проценти. Така што, само во овој сегмент имаме однос од 5 спрема 1“,
вели Мукаетов.
Различни се и роковите за регистрација на производите. Според Мукаетов, за производ од Македонија постапката може да трае до три години, а компанија од земја членка на ЕУ процесот може да го заврши за помалку од една година. Објаснува дека „Алкалоид“ ги произведува лековите во Македонија, а потоа ги праќа во својот хаб во Љубљана за проверка и ослободување на серијата пред да се дистрибуираат во ЕУ.

„Кога ќе се ставиме на стартна позиција на атлетска патека, веќе на пола пат нашиот конкурент е отиден“,
вели Мукаетов, објаснувајќи ги последиците од тоа што земјата не е членка на Унијата.
Тој смета дека особена корист би имале компаниите што инвестираат во знаење, технологија и квалитет на производите. На прашањето дали како активен во Стопанската комора има бизнисмени што се против влезот во ЕУ, Мукаетов вели дека не слушнал такви изјави.
„Мислам дека постои сегмент кој е баш ептен ‘про’ за Европската Унија, а конкретно го води Глигор Цветанов од ‘Макпрогрес’. И јас сум член на тоа тело. Ние сме една вака, како да кажам, група претставници на сериозни компании кои навистина се трудиме по сите основи што повеќе да ги отвораме темите за потребата да се биде дел од Европската Унија“,
вели за „360 степени“ првиот човек на „Алкалоид“.
