Генералниот директор на „Алкалоид“ гостува во „360 степени“ на МРТ 1, а повод за интервјуто е 90-годишнината од постоењето на компанијата

Пристапот е мултидимензионален – и аналитика и интуиција, вели генералниот директор на АД „Алкалоид“, Живко Мукаетов, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето како ги носи одлуките, дали исклучиво се потпира на бројките или користи и менаџерска интуиција. Мукаетов, кој е машински инженер, вели дека тоа му помага во раководењето.
„Фармацевтската индустрија е многу специфична. Од една страна е многу динамична, од друга страна е многу регулирана. Така што некои работи и да сакате не може да имаат брз импакт, тоа што ќе се донесе како одлука… така што дефинитивно работиме врз база на многу аналитика, многу бројки од една страна, но од друга страна, да, некогаш и интуицијата е потребна некои одлуки да се донесат. Јас би рекол дека е една комбинација од едното и другото, но факт е дека одлуките се трудиме да ги базираме пред сè на една аналитика“,
вели Мукаетов.
На 90-годишнината од постоењето на „Алкалоид“, Мукаетов вели дека се сеќава на почетоците во компанијата кога тој бил дете, а неговиот татко бил генерален директор.
„Јас сум растен во духот на ’Алкалоид’. Значи, татко ми кога станал генерален директор 1985 година, јас сум имал 11 години. Но, јас се сеќавам и на периодот претходно, затоа што тој го водеше Информатичкиот центар во рамките на компанијата и се сеќавам како дете на тие одења на работа, посебно во сабота. Тогаш беа оние ИБМ-ови огромни системи на компјутери, на сервери, нешто што денеска е едно минато… на кое, да кажам, се сеќаваме на еден емотивен начин. Јас во 2006 година бев назначен за генерален директор на компанијата и да, веќе 20 години сум на чело на компанијата и она што мислам дека е важно е она што и Трајче Мукаетов го има кажано, а тоа е дека ’Алкалоид’ е компанија за сите времиња и дека ние сите треба да водиме грижа за иднината на компанијата“,
посочува Мукаетов.

На прашањето што променил, а што задржал во раководењето од неговото назначување за генерален директор на „Алкалоид“, Мукаетов вели дека наследил систем поставен на здрави темели и вредности и професионална менаџерска екипа.
„Значи во делот на продажбите и на маркетингот се донесе една нова екипа која тргна многу поофанзивно, се работеше на градење на многу нови брендови кои денеска веќе се сериозни брендови во рамки на компанијата, а од друга страна, во сите стручни служби тоа беше една структура на врвни професионалци кои останаа од менаџерската структура од пред тоа. И заеднички сметам дека имавме синергично функционирање коешто овозможи ’Алкалоид’ од година на година да расте и да се надградува. И еве, да дојдеме до ситуација на позиција во која сме денес. Да, 90 години. И сакам да кажам дека најважни од сè се луѓето и ние сакаме да градиме компанија на задоволни луѓе, мотивирани и кои своето знаење и вештини ќе можат да го фокусираат, за заеднички да направиме уште подобра работа“,
вели Мукаетов.
