Вучиќ рече дека утре наутро ќе ѝ ги предаде своите должности на претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, која ќе биде вршител на должноста претседателка на Републиката

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва поднесе оставка од претседателската функција. „Дојде моментот на одлука“, рече Вучиќ на почетокот на прес-конференцијата во Претседателството на Србија, а по обраќањето до јавноста ја потпиша и оставката.
Рече дека служел верно, чесно и праведнo, како и дека донел одлука да помилува 49 лица.
„Од нив, 23 лица се поврзани со сите овие ужасни настани низ кои поминуваме во последната година и пол“,
рече Вучиќ.
Дванаесет од помилуваните се од „Новосадската група“, додека останатите единаесет што ги помилувал се лица кои учествувале во инцидентите од „другата страна“.
Рече дека помилувањето и аболицијата се акти на милост, на кои пристапил поради возраста на оние на кои се однесуваат, без разлика дали се виновни или не за делата за кои се товарат.
Тој повторно ги отфрли обвинувањата дека на собирите бил употребен „звучен топ“ и дека бил вмешан во аферата „Јовањица“.
Вучиќ се осврна и на резултатите на власта, а кажа и дека неговиот наследник на претседателската функција ќе мора да ги чува националните интереси на Србија и интересите на српскиот народ на Косово.
Пред да ја поднесе оставката, тој ги отфрли обвинувањата дека со тоа „го скратува мандатот“ и рече дека претседателската функција во Србија се добива преку директни избори, „без политички калкулации“.
Тој исто така рече дека утре наутро ќе ѝ ги предаде своите должности на претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, која ќе биде вршител на должноста претседателка на републиката, и дека првиот круг од претседателските избори ќе мора да се одржи до крајот на декември.
Вториот претседателски мандат на Вучиќ требаше да истече во 2027 година, но тој го скрати за да може, како што рече, да учествува во кампањата за вонредните парламентарни избори како обичен граѓанин.
Вучиќ е носител на листата „Обединета Србија“ и кандидат за премиер на претстојните вонредни парламентарни избори закажани за 25 октомври.
