Во првите седум месеци од годинава, земјава ја посетиле вкупно 741 446 туристи, при што е зголемен бројот на странски туристи

Позитивните движења во туристичкиот сектор претставуваат поттик за продолжување на активностите за негов oдржлив развој и унапредување на туристичката понуда, велат од Министерството за култура и туризам на Светскиот ден на туризмот.
Оттаму посочија дека во првите седум месеци од годинава, земјава ја посетиле вкупно 741 446 туристи, при што е зголемен бројот на странските туристи.
Според ресорното министерство, меѓу најбројните се туристите од Турција, Германија, Србија, Романија и од Албанија.
Од Министерството за култура и туризам велат дека заедно со Владата го препознаваат туризмот како значаен фактор за економскиот и општествениот развој на државата.
Посочуваат дека нивната визија е Македонија да се позиционира како препознатлива меѓународна туристичка дестинација.
„Овие резултати ја нагласуваат важноста на континуираната промоција на Македонија, унапредувањето на квалитетот на туристичките услуги и развојот на автентична, одржлива и конкурентна туристичка понуда, во согласност со потребите на современите туристи. Вештачката интелигенција и дигитализацијата отвораат нови можности за поефикасно управување со туристичките дестинации, подобро планирање и создавање поиндивидуализирани, поинклузивни и поквалитетни туристички искуства. Во соработка со приватниот сектор и сите чинители во туризмот, продолжуваме посветено да создаваме услови за развој на современ и конкурентен туристички сектор, кој ќе ги следи светските трендови, ќе ги зачувува нашите вредности и ќе отвора нови можности за граѓаните и економијата“,
се вели во соопштението од ресорното министерство.
