Владата на 2 јуни го усвои предлог-законот за заштита од употребата на производи од тутун или сродни производи, по што се отвори патот за негово разгледување и усвојување во Собранието. Таму постапката е закочена

Законот за пушење е заглавен во собраниска процедура. Причината се осумте амандмани, меѓу кои има и такви преку кои постои обид да се „омекне“ законското решение, а за кои Министерството за здравство се противи.
Меѓу осумте амандмани имало и предлози за воведување т.н. „соби за пушење“ во рамките на угостителските објекти, фирми и институции.
Пратениците побарале дополнителни мислења од стопанствениците и домашните експерти. Откако ќе добијат мислење, процедурата во законодавниот дом ќе продолжи, велат од Собранието.
Министерот за здравство Сашо Клековски е против амандманите и смета дека не се реални и отвораат простор за заобиколување на законот.
„Во одредени земји има пушачки соби, но тие се со такви техничко-технолошки решенија, да кажам со негативен притисок што ние не успеваме во нашите оперативни сали да го постигнеме, а камоли да се постигне во ресторан или друг простор. Сметам дека имавме продуктивен дијалог со угостителската комора, со другите чинители и штом ја имаме поддршката од нивна страна, сметаме дека ова е оптимално решение, треба да искомуницираме со Собранието да помине низ три комисии и да биде ставена на пленарна седница за усвојување“,
вели Клековски.
Владата на 2 јуни го усвои предлог-законот за заштита од употребата на производи од тутун или сродни производи, по што се отвори патот за негово разгледување и усвојување во Собранието.
Законот предвидува построги правила за користење на тераси, засилена заштита во здравствените, образовните и детските установи, ограничувања за пушење во присуство на деца, како и целосна забрана за рекламирање и промоција на тутунски и никотински производи.
