Според Обвинителството, инспекторката побарала и примила поткуп во износ од 250 евра од управител на правно лице за да изготви записник со кој ќе констатира дека извршила инспекциски надзор и дека нема неправилности во работата на објектот

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Примање поткуп според член 357 став 1 од Кривичниот законик, соопштија оттаму.
Според Обвинителството, осомничената 42-годишна вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство, како службено лице – инспектор за храна, во периодот од 17 до 25 септември, побарала и примила поткуп во износ од 250 евра од управител на правно лице за да изготви записник со кој ќе констатира дека извршила инспекциски надзор и дека нема неправилности во работата на објектот, односно дека тој ги почитува сите потребни процедури за работа.
„Поради ризикот од бегство, опасноста осомничената да влијае врз оштетениот и неговиот исказ, како и можноста од позиција на службено лице- инспектор да го повтори дејствието кое не смеела да го изврши, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор“,
велат од ОЈО-Скопје.
