Претседателот на СДСМ вчера изрази сомнеж дека демократската платформа сочинета од актуелни и поранешни функционери на СДСМ, која, меѓу другото, изрази незадоволство од актуелното партиско раководство, има за цел да ја ослаби опозицијата, обвинувајќи дека дел од нејзините иницијатори се директно финансирани од владејачките структури
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение му порача на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да не се откажува и да продолжи да ја води партијата и покрај, како што велат, многубројните внатрепартиски проблеми.

Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако претставниците на демократската платформа сочинета од актуелни и поранешни функционери на СДСМ, меѓу другото, вчера оценија дека партијата станала заробена и дека и покрај разговорите со актуелното раководство, не успеале да се направат потребните промени во партијата.
„Ја разбираме состојбата во која се наоѓа Венко Филипче и многубројните внатрепартиски проблеми во кои се наоѓа неговата партија. Од аспект на ВМРО-ДПМНЕ, вистината говори дека за нас нема подобро решение од тоа Венко Филипче да биде претседател на СДС. Го охрабруваме да не се откажува и да продолжи да го води СДС“,
велат од владејачката партија.
Тоа што Филипче ја напаѓа ВМРО-ДПМНЕ за внатрепартиските состојби и поделеноста на СДСМ, велат оттаму, е само со цел да го оттргне вниманието од проблемите и да се обиде да ја задржи кохезијата внатре во партијата.
Претседателот на СДСМ вчера изрази сомнеж дека демократската платформа има за цел да ја ослаби опозицијата, обвинувајќи дека дел од нејзините иницијатори се директно финансирани од владејачките структури.
