Во четири од случаите шлеперите со цигари влегувале преку ГП „Богородица“, без нивното влегување воопшто да биде евидентирано од страна на царинските и полициските службеници. Во останатите три случаи шлеперите влегувале во земјава преку истиот граничен премин, во транзина постапка. Два од нив биле со крајна дестинација до Молдавија, а еден до Србија, но цигарите биле нелегално истоварени во земјава, по што празните шлепери ја напуштиле земјава преку ГП „Табановце“
Речиси 70 милиони парчиња цигари нелегално биле пуштени во слободен промет во земјава – изјави денеска директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, информирајќи за опсежната акција под кодно име „Филтер“, во чии рамки е разбиена организирана група за шверц на цигари. Во акцијата, како што објави денеска Николовски, се откриени седум случаи на нелегален шверц на цигари.

Во четири од случаите шлеперите натоварени со цигари влегувале преку граничниот премин „Богородица“, без нивното влегување воопшто да биде евидентирано од страна на царинските и полициските службеници. Во останатите три случаи шлеперите со цигари влегувале во земјава преку истиот граничен премин, во транзина постапка. Два од нив биле со крајна дестинација до Молдавија, а еден до Србија.
„Наместо транзитот да биде реализиран согласно со царинските прописи, цигарите биле нелегално истоварени на територијата на Република Македонија по што шлеперите ја напуштиле државата преку граничен премин ‘Табановце’ празни, а во царинскиот систем биле заведени како полни“,
рече директорот на Царина на денешната прес-конференција.
Николовски вели дека количината на цигари нелегално пуштени во промет, во рамките на сите седум случаи, изнесува 69 350 000 парчиња, а причинетата штета на државниот буџет е над 6,1 милиони евра.
Во случајот се поднесени кривични пријави против три правни и 18 физички лица, меѓу кои четири царински и три полициски службеници, една шпедиција, една транспортна и една увозна компанија.
Првиот човек на Царинската управа вели дека утринава се извршени претреси на 23 локации во земјава, при што се приведени 13 лица од кои четворица цариници, двајца полицајци, двајца возачи и пет други физички лица. Со три лица, кои во моментов се надвор од земјата, е остварен контакт и се очекува да се пријават по враќањето.
Николовски вели дека во тек се дополнителни истражни дејства и дека, согласно сознанијата, се очекува бројот на опфатени лица во случајот да се зголеми.
„За Царинската управа нема и нема да има недопирливи. Секој за кого ќе се утврди дека ги прекршил законите или ги злоупотребил службените овластувања, ќе биде предмет на соодветна постапка пред надлежните институции, без оглед дали станува збор за економски оператор, физичко лице, а особено службено лице“,
порача директорот на Царина.
