Филипче посочи дека писмата до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и до европската комесарка Марта Кос, во кои ќе ги информира за хибридната војна преку медиуми од „српскиот свет“, се подготвени и ќе бидат доставени во текот на денот или најдоцна утре, заедно со кривичната пријава

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ќе поднесе кривична пријава против директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, најави денеска лидерот на партијата Венко Филипче.
Причината, како што рече, е јасна и конкретна, а е за начинот на кој е дадена дозвола за емитување на програмата на медиумот Арена М и за потенцијално оштетување на буџетот.
„Многу конкретно. Затоа што на македонски медиуми кои овде функционираат, конкретно Арена М, која што е сместена во просториите на Градскиот стадион, тука им се канцелариите од каде што се емитува програмата, гледаме фудбалски пренос од тие канцеларии, им дал дозвола како за странски канал. Значи, дадена е дозвола на медиум кој овде продуцира програма, како да е странски, а во тие регистри во странство го нема. И тоа е противзаконски и тоа е оштетување на буџетот. Но, тоа не се прави без поддршка од највисоките кругови на власта“,
рече Филипче.
Филипче посочи дека писмата до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и до европската комесарка Марта Кос, во кои ќе ги информира за хибридната војна преку медиуми од „српскиот свет“, се подготвени и ќе бидат доставени во текот на денот или најдоцна утре, заедно со кривичната пријава.
„Да, писмата се подготвени и во текот на денот, најдоцна утре, ќе ги испратиме. Јасно е наведено кои се нашите забелешки“,
рече Филипче.
Во одговорот на новинарско прашање, Филипче порача дека за овие постапки мора да има одговорност.
„Нека се мислат и Трајчевски и тој од Државната лотарија на кој му кажуваат што треба да работи, да троши народни пари и да го оштетува буџетот за интересите на власта. Што прават луѓето? Им упатив јавно предупредување до тие луѓе да не го слушаат Христијан што им зборува, затоа што ќе одговараат. Нема да има милост за никого и ќе ги вратат парите“,
рече Филипче.
