Во последната недела, односно од 16 до 22 септември, се пријавени пет нови случаи на западнонилска треска, од нив три се од Скопје и по еден од Велес и од Тетово
Од почекокот на епидемијата со западнонилска треска, заклучно со 22 септември, во земјава се регистрирани вкупно 70 случаи – објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во последниот извештај. Од впупниот број случаи, кај 68 била регистрирана невроинвазивна форма на болеста и биле хоспитализирани.

„Испишани се 50 пациенти или 73,5 отсто од хоспитализираните потврдени случаи, сè уште на лекување се 9, односно 13,2 проценти од хоспитализираните потврдени случаи, а починати се 9 од хоспитализираните“,
пишува ИЈЗ во извештајот.
Сите починати се мажи на просечна возраст од 71,1 година. Кај осум од нив биле регистрирани коморбидитети и сите биле хоспитализирани. Починатите се од Скопје, а еден е од Куманово. Од вкупниот број регистрирани случаи со западнонилска треска – 63 се пријавени во Скопје, три во Велес и по еден во Куманово, Свети Николе, Кавадарци и во Тетово. Од регистрираните случаи, 52 се мажи, а 18 жени.
Во последната недела, односно од 16 до 22 септември, се пет нови случаи, од нив три се од Скопје и по еден од Велес и од Тетово. Ова е прв случај на болеста во Тетово.
