Во статистиката што ја објавија се наведува дека вкупниот број сообраќајни незгоди е намален од 5 485 на 4 840, односно за 11,76 отсто

Бројот на загинати во сообраќајни несреќи за осум месеци, во периодот од јануари до август, е намален за 35,42 отсто, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР). Според бројките што ги објавија, лани во истиот период животот го загубиле 96 лица, а годинава таа бројка е намалена за 34 и изнесува 62.
Исто така, од МВР велат дека е намален и вкупниот број настрадани лица, и тоа од 4 731 на 3 868.
„Станува збор за 863 помалку загинати и повредени лица, односно намалување од 18,24 проценти“,
велат од МВР.
Во статистиката што ја објавија се наведува дека вкупниот број сообраќајни незгоди е намален од 5 485 на 4 840, односно за 11,76 отсто.
„Бројот на сообраќајни незгоди со смртни последици е намален од 82 на 54 или за 34,15 отсто, додека бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди е намален од 594 на 528, односно за 11,11 проценти“,
се наведува во соопштението од МВР.
Податоците од евиденциите на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека бројот на сообраќајни незгоди со телесни повреди е намален од 2 291 на 1 896, а сообраќајни незгоди со материјална штета се намалени од 2 518 на 2 362. За 833 е намален бројот на лица со телесни повреди, а бројката на оние што имале тешки телесни повреди е на приближно исто ниво – 686 во 2025 и 690 годинава.
Од МВР прават споредба и со бројот на жртвите во сообраќајот во периодот од 2010 до 2025 година, кога годишно загинувале меѓу 116 и 198 лица, а во 2019 и во 2025 година биле регистрирани по 132 загинати лица.
Според МВР, позитивната промена во 2026 година е резултат на интегрирaниот пристап кој ги опфаќа системот „Безбеден град“, законските измени, засилените полициски контроли и континуираните превентивни активности.
Оттаму велат дека со започнувањето на санкционирањето преку системот „Безбеден град“ на 1 февруари 2026 година, е воспоставен нов модел на постапување. Прекршоците се детектираат автоматски, предметите се обработуваат електронски, а известувањата се доставуваат преку СМС-порака и електронска пошта.
„Не станува збор само за воведување нова технологија, туку за промена на начинот на спроведување на сообраќајните прописи, односно од повремена контрола кон континуирано, предвидливо и неселективно постапување. Со тоа се зголемува извесноста дека детектираниот прекршок ќе биде процесиран, се намалува просторот за субјективно постапување и се влијае превентивно врз однесувањето на учесниците во сообраќајот“,
се додава во соопштението.
Од МВР најавуваат дека ќе продолжат со унапредување и проширување на системот „Безбеден град“, со засилени контроли и со мерки насочени кон намалување на сообраќајните незгоди односно помалку повредени и помалку загубени човечки животи.
