Шефицата на државата ги поздравила напорите на Томас Вајц за објективен пристап во известувањето во ЕП, како и неговиот став дека билатералните прашања треба да бидат надвор од формалното пристапување во ЕУ. Како важна ја истакнала потребата од забрзување и заштита на динамиката на евроинтеграциите од ирационални опструкции
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се сретнала со европратеникот и известувач за земјава во Европскиот парламент, Томас Вајц. На средбата присуствувал и евроамбасадорот Михалис Рокас, а во фокус на разговорите биле македонските евроинтеграции и можностите и условите за деблокада на пристапниот процес.

Шефицата на државата ги поздравила напорите на Вајц за објективен пристап во известувањето во ЕП, како и неговиот став дека билатералните прашања треба да бидат надвор од формалното пристапување во ЕУ. Како важна ја истакнала потребата од забрзување и заштита на динамиката на евроинтеграциите од ирационални опструкции и посилна институционална заштита на принципот на заслуги во пристапниот процес.
„Таа посебно укажа на членовите 4(2) и 4(3) од Договорот за Европската Унија, во коишто се предвидени почитувањето на националниот идентитет, уставните и политичките структури, како и обврската на земјите членки за искрена соработка и непоткопување на целите на ЕУ, констатирајќи дека злоупотребата на ветото и билатералните условувања врзани со идентитетот, историјата и јазикот се во судир со овие одредби“,
соопштија од претседателскиот кабинет.

Европратеникот Вајц за време на средбата ја запознал претседателката со сите преземени активности во врска со македонско-бугарските релации и укажал на потребата од преземање на пријателски чекори од двете страни. Ја нагласил и решеноста на Европската Унија за проширување, како и својата неутралност и посветеност на процесот.
Во пресрет на објавувањето на годишниот извештај на ЕК за напредокот на земјите кандидатки, размениле мислења и за потребните и можните реформи на процесот на проширување, врз основа на воочените проблеми.
