„Се надеваме дека ќе ја прифати поканата. Ако се среќавате само со луѓе со кои се согласувате, тоа се многу пријатни средби, но ништо не се постигнува. За да се решат проблемите, мора да се сретнете со луѓе со кои не се согласувате или со кои имате одредени несогласувања“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио по средбата со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Њујорк
Соединетите Американски Држави го поканија претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, на самитот на Г-20 кој ќе се одржи во Мајами, Флорида, во декември. Ова денеска го изјави американскиот државен секретар Марко Рубио по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, која ја одржаа на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

„Го поканивме претседателот Путин на самиот на Г-20. Сметаме дека е можност тој да оствари контакт не само со претседателот на САД, туку и со други светски лидери. Се надеваме дека ќе ја прифати поканата. Ако се среќавате само со луѓе со кои се согласувате, тоа се многу пријатни средби, но ништо не се постигнува. За да се решат проблемите, мора да се сретнете со луѓе со кои не се согласувате или со кои имате одредени несогласувања“,
рече Рубио во изјава за новинарите по средбата со шефот на руската дипломатија во Њујорк.
Официјална Москва засега не одговори на поканата на САД. Доколку рускиот лидер ја прифати поканата, тоа ќе биде првпат лично да присуствува на самитот на Г-20 од 2019 година, пред Русија да ја започне инвазијата врз Украина во 2022 година, а и негова втора посета на САД откако Трамп повторно ја презеде функцијата.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, вели дека ако се укаже уште една можност за лична средба помеѓу американскиот и рускиот претседател и ако таа средба има некаква цел, тоа би било добро.
Последната средба помеѓу Трамп и Путин се одржа во август лани на Алјаска. И покрај повеќечасовните разговори на двајцата лидери, не беше постигнат договор за прекин на војната на Русија против Украина.
