Пензионерите најдобро знаат како живееја во годините на владеење на СДС и ДУИ, а како живеат денес – реагираат од владејачката партија по обвинувањата на СДСМ дека дупката во Фондот на ПИОМ достигнала една милијарда евра за две години, со што се загрозува исплатата на пензиите
Наместо да шири паника и да пласира политички конструкции, СДСМ нека се соочи со фактите и со реалноста на пензионерите – велат од ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата на опозицискиот лидер Венко Филипче дека дупката во Фондот на ПИОМ достигнала една милијарда евра за две години, со што исплатата на пензии се става во ризик.

Владејачката партија оцени дека СДСМ нема кредибилитет да зборува за пензиите оценувајќи дека за разлика од претходната власт пензионерите денес имаат зголемени пензии за околу 7 000 денари во последните две години.
„Во првите две години од доаѓањето на СДС на власт, од јуни 2017 година до јуни 2019 година, Заев и Филипче ги зголемиле пензиите за 540 денари. За време на СДС и ДУИ над 200 илјади пензионери примаа пензии под 14 000 денари, а зголемувањата беа минимални и недоволни за реално подобрување на животниот стандард. Денес пензиите се исплаќаат редовно, а државата обезбедува средства за непречено функционирање на пензискиот систем. Пензионерите најдобро знаат како живееја во годините на владеење на СДС и ДУИ, а како живеат денес“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска обвини дека буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за две години достигнала една милијарда евра, оценувајќи ја состојбата за алармантна.
