Тој додаде дека и дефицитот во централниот буџет континуирано се продлабочува, а единствен извор за буџетот да може да ги сервисира обврските ќе бидат скапите задолжувања, со што власта свесно ја турка државата во уште подлабока економска криза

Алармантна е состојбата со буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, предупреди лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, на трибината „За достоинствен живот и подобра иднина на сите генерации“, во организација на Општинската организација на СДСМ Аеродром.
Филипче посочи дека дупката во Фондот за ПИОМ за две години е двојно зголемена и достигна една милијарда евра, со што власта ја става во ризик исплатата на пензиите.
„Дупката во пензискиот фонд, која за две години е дуплирана, од 500 милиони евра, сега е милијарда евра, милијарда евра фалат за да се исплатат пензиите. Ги нема во пензискиот фонд. Треба да ги даде државата. Кога економијата не работи, од каде ќе ги најде парите? Од заеми“,
рече Филипче.
Тој додаде дека и дефицитот во централниот буџет континуирано се продлабочува, а единствен извор за буџетот да може да ги сервисира обврските ќе бидат скапите задолжувања, со што власта свесно ја турка државата во уште подлабока економска криза.
„Единствен извор на средства се само скапи заеми, скапи заеми со коишто ќе се пополнуваат дупките во буџетот, за да се дадат плати, за да се дадат пензии. Никако скапи заеми коишто ќе придонесат за некаков раст на економијата. И ние одиме сè повеќе и повеќе во дупка. Ризикуваме да завршиме со економска криза како Грција пред неколку децении. Тоа е неминовноста. И тоа го укажуваат економистите“,
рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче предупреди дека и изолационистичката политика на власта дополнително го зголемува ризикот за економијата бидејќи со оддалечувањето од европскиот пат ќе има сè помалку можности за европско финансирање.
„На сите европски претставници многу добро им е јасно што прави Христијан Мицкоски, дека ги лаже. Дека зад наводните изговори за Бугарија се кријат само нивните интереси, да не се случи ништо. Тоа не е изолирана работа којашто се однесува само на напредокот на земјата. Тоа е директно поврзано со економската состојба во земјата. А, ако кај нас ги снема европските пари, а постепено ги снемува, и уште помалку ќе ги има, и што ќе се случи? Ќе продолжи овој систем којшто сега се случува, а тоа е да сме доведени во ситуација да е единствен извор на средства ни се само скапи заеми“,
рече Филипче.
