На фејсбук-страницата на националниот парк „Пелистер“ се поставени фотографии на кои може да се видат побелените делови

Денеска, на првиот официјален ден од есента, високите планински врвови во Македонија го дочекаа новото годишно време со снежна покривка.
На Пелистер, највисокиот врв на Баба Планина, денеска се забележани првите снежни наноси за оваа сезона. На фејсбук-страницата на националниот парк „Пелистер“ се поставени фотографии на кои може да се видат побелените делови.
Есента во земјата и на северната хемисфера почна ноќеска во 2.05 часот по полноќ. Есента годинава ќе трае до 21 декември во 14.50 часот, кога календарски почнува зимата.
Според метеоролозите, во наредните денови времето ќе биде ведро и постудено. Под влијание на циклонска активност во петок попладне и во текот на ноќта кон сабота ќе има врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Потоа следува период на стабилно време со пониски утрински температури.
