Во акцијата е откриена нелегална плантажа со канабис во Струмичко, при што се одземени 680 килограми стебла
„Дрогата е детектирана, обезбедена, а лицата што биле директно вклучени во рамки на процесот на нејзино производство и пуштање во промет се обезбедени и ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, вели министерот
Акцијата се спроведуваше подолг период, а полициски службеници со денови спиеја на нива, за на крајот да откријат нелегална плантажа со канабис во Струмичко, при што се одземени 680 килограми стебла. Ова денеска го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по дијалог-сесијата на Националната конвенција за Европската Унија, коментирајќи ја акцијата во која две лица се приведени и против нив е поднесена кривична пријава.

„Сакам да им заблагодарам на полициските службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица што неколку денови спиеја на нива, за на крајот да дојде до овој резултат, што ќе нè доведе до откривање на кривично дело производство и пуштање во промет на наркотични дроги“,
рече тој.
Веднаш по добивањето на оперативните сознанија посочи дека полицијата постапила, а обезбедени се и лицата што биле директно вклучени во производството и пуштањето во промет на дрогата.
„Дрогата е детектирана, обезбедена, а лицата што биле директно вклучени во рамки на процесот на производство и пуштање во промет на истата се обезбедени и ќе бидат изведени пред лицето на правдата“,
кажа министерот.
Претходно, од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против З. М. (34) и А. Т. Г. (30), двајцата од општина Ново Село, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Во описот на случајот се вели дека осомничените по претходен договор во скриен дел од парцела на местото викано „Матник“, во атарот на селото Секирник, ја обработиле почвата, посадиле и одгледувале стебла од растението канабис.
Тие во службен разговор признале дека во мај 2026 година набавиле семе, ја обработиле почвата и ги одгледувале растенијата за производство на марихуана.
Од пријавените се одземени повеќе стебла со различна висина и вкупна тежина од околу 680 килограми.
