Според него, Иран има две опции – да постигне договор што би му овозможил на Техеран да ја обнови земјата или да се соочи со уништување
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека членови на неговата администрација се сретнале со иранската делегација на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, пренесува Си-ен-ен.
Според него, средбата траела околу три часа, опишувајќи ја како многу добра.

„Помина многу добро. Тоа беше многу добра средба“,
им рече Трамп на новинарите, седејќи покрај украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Трамп изјави дека Иран има две опции – да постигне договор што би му овозможил на Техеран да ја обнови земјата или да се соочи со уништување.
„Станува збор за два избора. Во едниот случај, тоа е уништување, а другата алтернатива е можност за голем просперитет на земјата. Тоа би можело да биде одлична земја“,
посочи тој.
На новинарско прашање дали американскиот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, учествувале на средбата со иранската делегација, не даде конкретен одговор, додавајќи дека е закажана уште една средба.
„Па, нема што многу да се каже. Имаа многу добра средба, многу продуктивна средба. И имаат закажано уште една во многу блиска иднина“,
кажа тој.
Договорот, како што нагласи, би бил корисен за Иран.
„Имаа многу добра средба и ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Но, секако, во нивен интерес е да склучат договор, а ние можеме да го направиме тоа. Претпоставувам дека тоа е посакуваната опција“,
вели Трамп.
