Според пишувањето на светските медиуми, иранската и американската делегација се отворени за дипломатска средба на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, иако засега нема информации дека таков состанок е закажан
„Отворени сме за тоа. Не мислам дека нешто е закажано во овој момент, но секако сме отворени за такво нешто, особено ако постојат изгледи тоа да доведе до нешто позитивно и конечно да се постигне целта на целата оваа работа“, изјавил американскиот државен секретар Марко Рубио за Ен-би-си њуз
Иран е подготвен повторно да го отвори Ормускиот Теснец во рок од седум дена доколку Соединетите Американски Држави (САД) го намалат воениот притисок и ја укинат блокадата на иранските пристаништа, изјавил висок ирански функционер за новинската агенција Ројтерс.

Засега нема дополнителни детали за тоа како точно би функционирало повторното отворање на Теснецот во пракса, а Вашингтон сè уште не излегол со коментар на ваквите наводи, кои, како што наведува „Гардијан“, нивната редакција досега не успеала независно да ги потврди.
Функционерот за Ројтерс дополнително изјавил дека иранската делегација на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк има целосно овластување за дипломатските средби со американските претставници.
Инаку, како што пишува британскиот весник, сообраќајот низ Ормускиот Теснец е сведен на минимум, но некои танкери продолжуваат да пренесуваат нафта, пловејќи со исклучени примопредаватели за да избегнат откривање.
Податоците за поморскиот сообраќај објавени вчера покажуваат дека вкупно 17 товарни брода поминале низ теснецот за време на викендот, што претставува пад на бројот, споредено со 37 брода, колку што поминале една недела претходно.
Инаку, за споредба, проценките велат дека пред почетокот на војната, дневно низ Ормускиот Теснец поминувале околу 120 брода.
И покрај намалувањето на бројот на минувања низ овој стратешки воден пат, цените на нафтата вчера паднаа четврти ден по ред, а ваквиот тренд е поттикнат од новите изгледи за обновување на дипломатските односи.
Техеран и Вашингтон во неделата повторно си разменија закани, иако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека веројатно би бил отворен за средба со својот ирански колега Масуд Пезешкијан, кој патува за Њујорк за состанокот на Генералното собрание на Обединетите нации.
Инаку, меѓу претходните услови на Иран за повторно отворање на Теснецот беа прекин на војната на „сите фронтови“ – мислејќи на нападот на Израел врз Либан – како и одмрзнување на замрзнатите финансиски средства.
Американскиот државен секретар Марко Рубио потврди дека САД се отворени за разговор со Иранците на Генералното собрание на ОН, но нагласи дека засега не е закажана никаква средба.
„Отворени сме за тоа. Не мислам дека нешто е закажано во овој момент, но секако сме отворени за такво нешто, особено ако постојат изгледи тоа да доведе до нешто позитивно и конечно да се постигне целта на целата оваа работа“,
изјави Рубио за Ен-би-си њуз.
А целта е, како што додаде Рубио, Иран никогаш да не смее да поседува нуклеарно оружје.
„Едноставно, тоа не смее да се случи“, додаде тој.

Обновените напори на САД и Иран за решавање на спорот околу контролата на Ормускиот Теснец доаѓаат во време кога пристигнуваат извештаи за напади на Саудиска Арабија врз области во Јемен што се под контрола на Хутите.
Меѓу најновите извештаи е оној за напад на Саудиска Арабија врз затвор во северозападниот дел на Јемен, во кој наводно загинале деветмина затвореници. Ова го соопшти претставник на Хутите во изјава за новинската агенција „Саба“, која е поврзана со милитантната група, што ја има поддршката на Иран.
Хутите, кои го контролираат главниот град на Јемен од 2014 година, овој месец ја зазедоа крајбрежната област на земјата покрај Црвеното Море, при што во својот продор ги потиснаа силите на владата, која, пак, е поддржана од Саудиска Арабија.
Според наводите на Хутите, Саудиска Арабија – инаку важен сојузник на САД – во изминатите денови извршила стотици напади врз позициите на нивните борци во планинските предели.
