Каналот се отвора непосредно откако американскиот претседател Доналд Трамп им ги одзеде акредитациите за известување од Белата куќа на Си-ен-ен, „Политико“ и Ем-ес нау, обвинувајќи ги за пласирање лажни вести, по што дел од останатите медиуми го бојкотираа известувањето во знак на солидарност
Белата куќа во понеделникот ја лансираше „Трамп ТВ“ – платформа што 24 часа дневно, седум дена во неделата ќе емитува снимки од настани на администрацијата на претседателот Донлад Трамп. Каналот е достапен на Јутјуб, а се отвора непосредно откако американскиот претседател им ги одзеде акредитациите за известување од Белата куќа на Си-ен-ен, „Политико“ и Ем-ес нау, обвинувајќи ги за пласирање лажни вести.

Емитувањето на стриминг-платформата започна во понеделникот во 19 часот по локално време со емитување на говорот на Трамп од планината Рашмор од 3 јули. Од Белата куќа соопштија дека на платформата ќе се емитуваат најдобрите видеа, главните говори и најважните моменти од администрацијата на Трамп на едно место.
„’Трамп ТВ’ сега е достапна за следење. 24/7, со ажурирања во реално време – најдобрите моменти од минатото, соопштенија, како и најновите и најважните активности на администрацијата. Останете информирани и во тек со најновите случувања! Не секој важен момент досега беше прикажан на вашиот телевизор, но сега ќе биде“,
соопштија од Белата куќа.
Претходно вчера, на јутјуб-каналот на Белата куќа беше објавено промотивно видео за „Трамп ТВ“, на кое беа прикажани видеоисечоци од ликови од серии и филмови, а над сцените беше испишано „Трамп ТВ“.
На новинарските екипи на Си-ен-ен, „Политико“ и Ем-ес нау во саботата им беше забранет влез во Белата куќа, откако еден ден претходно претседателот на САД објави дека им забранува пристап до Белата куќа на новинарски екипи на трите медиумски куќи, обвинувајќи ги дека дека пласираат лажни вести за неговата администрација.
