Опишувајќи каков тип суплементи се пронајдени во рамки на акцијата, рече дека тоа се додатоци што содржат тревки во различни комбинации, а се продаваат во различни својства, од поддршка на машкоста до подобрување на работата на други органи
Нелегални суплементи за поддршка на машкоста се во фокусот на полициската акција што од утрово се спроведува во рамки на истрага против криминална група осомничена за шверц и нелегална трговија со лекови, медикаменти и додатоци во исхраната. Ова вечерва во гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма го изјави министерот за здравство Сашо Клековски коментирајќи ја акцијата што во текот на денот се спроведуваше на повеќе локации низ Скопје, Тетово и Гевгелија, а во која се приведени најмалку шест лица, меѓу кои има и вработени во Царинската управа.

Со оглед на тоа што акцијата е сè уште во тек, министерот рече дека може да соопшти само дека не се лекови во прашање, туку додатоци и надрилекарства.
„Не се лекови во прашање, туку додатоци и надрилекарства. Случајот е поврзан со претходната акција, која не е поврзана со ботокс, а сите заедно се поврзани со сузбивање шверц и нелегална трговија на лекови и суплементи и други средства кои предолго време, претпоставувам биле толерирани, а можат да доведат до големи несакани последици кај оние што ги консумираат“,
вели тој.
Според него, овие суплементи можат да предизвикаат не само финансиски последици, туку и здравствени проблеми бидејќи станува збор за нелегални суплементи.
Опишувајќи каков тип суплементи се пронајдени во рамки на акцијата, рече дека тоа се додатоци што содржат тревки во различни комбинации, а се продаваат во различни својства, од поддршка на машкоста до подобрување на работата на други органи.
„Тие не се регистрирани во земјава за таква намена и се комплетно надвор од законот“,
додаде министерот.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „360 степени“ потврдија дека денеска во утринските часови започнала полициска акција под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Како што велат официјално од МВР, акцијата е насочена кон сузбивање криминална група инволвирана во криумчарење стоки и извршување коруптивни кривични дела.
Како што објави ТВ Телма, во текот на денот во акцијата се приведени најмалку шест лица, а меѓу нив има и вработени во Царинската управа.
Акцијата се спроведува на повеќе локации низ Скопје, Тетово и Гевгелија.
