Напаѓачот, како што вели докторот, влегол во ординацијата додека прегледувал пациентки. Најпрво му упатил вербални закани, по што физички го нападнал
Гинекологот Дејан Огненовиќ е нападнат во својата ординација во рамки на поликлиниката „Букурешт“ во скопски Карпош, при што се здобил со повреда на вратен пршлен, објави телевизија Сител.

Според неговото сведоштво дадено во телефонска изјава за телевизијата, мотивот за нападот е последен во низата закани што ги добивал во изминатиот период. Огненовиќ тврди дека целта е да биде отстранет, односно преселен од ординацијата, а за тоа ја посочува конкуренцијата.
Од приложената медицинска документација, кај докторот е констатирана скршеница на вториот вратен пршлен. Вели дека по првите часови по нападот имал и тешкотии со движењето на вилицата и рацете.
Напаѓачот, како што вели докторот, влегол во ординацијата додека прегледувал пациентки. Најпрво му упатил вербални закани, по што физички го нападнал.
Посочува дека неколку дена пред нападот две жени облечени во бели мантили залепиле црна лента врз камерите од видеонадзорот во ординацијата, со што било оневозможено снимањето.
Камерите, како што вели, биле поставени бидејќи во неколку наврати исчезнувале медицински досиеја на пациенти.
Според информациите од докторот, случајот е пријавен истиот ден кога се случил нападот, односно на 16 септември, но досега не добил информации од надлежните и додава дека стравува за својата и за безбедноста на семејството.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот по што, како што додаваат, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.
Оваа гинеколошка ординација веќе две и пол години е земена под концесија од страна на д-р Огненовиќ, како и уште неколку други во истата поликлиника.
