Во однос на Северна Македонија, австрискиот амбасадор рече дека земјава направила одлична ра бота во однос на Планот за раст, поради што ќе и бидат доделени 140 милиони евра за да се придонесе за натамошниот напредок
Сè уште траат разговорите за различните нон-пејпери во однос на новата стратегија за проширување на Европската Унија, која се очекува да биде објавена на 30 септември. Ова денеска го соопшти австрискиот амбасадор во земјава, Мартин Памер на настан на „Славков-3 иницијативата“, што се одржа во „Јуроп хаус“ во Скопје.

„Се уште има процес на разговори за различните нон-пејпери“,
рече тој, одговарајќи на новинарско прашање кој нон-пејпер ќе преовлада во новата стратегија за проширување.
Она што е позитивно, според него, е дека во моментот има особена заинтересираност за процесот на проширување. За разлика од порано, додаде дека сега има голем напредок и се зборува за конкретни држави што ќе се приклучат кон Унијата.
Посочи дека на 27 септември во Виена ќе се одржи министерска конференција меѓу земјите од Западен Балкан и земјите-членки на „Славков 3-иницијативата“, како Австрија, Чешка и Словачка, на која ќе се разговара за напредокот на земјите од регионот кон ЕУ.
Во однос на Северна Македонија, австрискиот амбасадор рече дека земјава направила одлична ра бота во однос на Планот за раст, поради што ќе и бидат доделени 140 милиони евра за да се придонесе за натамошниот напредок.
„Сметам дека е важно да се одржат чекорот, издржливоста и посветеноста. Секако, може да гледате на тој процес во смисла дали чашата е полупразна или полуполна“,
вели тој.
Памер посочи дека Австрија, Чешка и Словачка преку форматот „Славков-3“ го поддржуваат процесот на проширување на ЕУ со заеднички иницијативи, меѓу кои Планот за раст, постепена интеграција и конкретни мерки за граѓаните.
„Го поддржуваме овој процес со многу заеднички иницијативи, на пример, со Планот за раст, со постепената интеграција, со специфични мерки, чија цел е да им помогнат на луѓето тука. Трите земји се вклучени во конкретни проекти, особено во областа на алпскиот туризам, со цел да се поддржи одржлчивиот туризам, при што почнавме со изградба на пешачки патеки, како и обновување на постојните до Водно, до Титов Врв, на Шар Планина и на Пелистер“,
кажа амбасадорот.
Според него, Северна Македонија е втората земја надвор од ЕУ во која „Славков-3“ се вклучил во проекти што се видливи и корисни за граѓаните.
„Вашата земја има многу слични географски карактеристики како и нашите три земји. Сите сме без излез на море, но имаме прекрасни планини и езера. Имам еповеќе планински домови отколку Северна Македонија, па се обидуваме да го поддржуваме овој развоен сектор и градиме планинарски патеки. Понекогаш наидуваме на тешкотии, но не се откажуваме, продолжуваме со упорност и посветеност“,
рече Памер.
И покрај бројните кризи во светот, смета дека е важно земјите од Западен Балкан да имаат поддршка за нивната европска интеграција.
„Кои се конкретните видливи резултати? На пример, СЕПА-Единствениот европски систем за плаќање, што значи значително помали трошоци за трансфер на пари и плаќања. Потоа, секако, Планот за раст. И она што допрва следува, иако спроведувањето не е едноставно, сепак е многу важно и лично го сметам за најзначајно, е зоната без роаминг во ЕУ. Тоа значи дека набргу, веројатно во рок од една или две години, повеќе нема да има трошоци за роаминг“,
додаде Памер.
Заменичката-амбасадорка на Чешка, Андреа Штајнер-Вотавова, истакна дека поддршката за европската интеграција на Западен Балкан останува еден од клучните приоритети на трите земји.
Според неа, форматот „Славков“ не се однесува само на политичкиот дијалог и заедничките ставови, туку и на конкретни резултати, меѓу кои ја издвои мрежата на планинарски патеки во Северна Македонија.
Штајнер-Вотавова додаде дека делницата од Долно Соње до врвот на Водно, финансирана од Чешка, е завршена минатата година и веќе ја користат локалното население и посетителите.
