Во деветчлениот Совет на Општина Пехчево, петмина се од ВМРО-ДПМНЕ

Инвестицијата во дата-центар во Пехчево не им била доволно јасна на советниците и било чесно што не се чувствувале подготвени да гласаат без да ги знаат деталите. Вака министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, го оправдува противењето на советниците од ВМРО-ДПМНЕ на продолжувањето на постапката за изградба на ваков капацитет во општината.
Прашан – зошто ако ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше опозицијата за односот кон дата-центрите, не успеа да ги убеди сопартијците во Пехчево да поддржат таков проект, Андоновски одговара дека дилемите се легитимни, но оти прави разлика меѓу поставувањето прашања и ширењето, како што вели, хистерија и лажни вести.
„Инвестицијата во Пехчево не им беше доволно јасна на советниците коишто требаше да гласаат за промена на планот или намената на земјиштето. Значи, немаше конкретен проект, студија донесена, градбата вака ќе изгледа, волку треба моќност, ваму ќе ја поврземе со електроенергетска мрежа, тие се инвеститорите… И тие прашања се легитимни и чесно е од страна на советниците што не се чувствувале подготвени да гласаат за такво некое решение не знаејќи ги деталите“,
вели Андоновски.
Тој се осврнува и на ставот на советниците од СДСМ во Пехчево, за кои вели дека биле „дури почесни“ кога порачувале дека би гласале доколку знаат за што станува збор.
Неговиот совет до општините што сакаат да привлечат вакви инвестиции е да ги отворат плановите пред граѓаните и да разговараат со нив навреме. Притоа, предупредува да не се пренаменува земјоделско земјиште од висока категорија за дата-центри или фотоволтаични панели. Според него, со точни информации и транспарентна постапка може да се обезбеди разбирање кај големото мнозинство граѓани.
На прашањето дали има шанси за повторно придвижување на прокетот во Пехчево, Андоновски не дава конкретна најава:
„Јас не го водам процесот, ниту Владата. Тоа е приватна инвестиција и приватните инвеститори можат да размислуваат за алтернативи или да нудат решенија“.

За економската корист од евентуалната изградба на приватни дата-центри во Македонија, министерот посочува на ангажман за време на изградбата, високоплатени работни места при нивното функционирање и услуги што би ги обезбедувале други компании.
Прашан колку постојани вработувања може да се очекуваат во вакви високоавтоматизирани објекти, Андоновски проценува дека дата-центар со инсталирана моќност од околу 50 мегавати би имал од 50 до 100 вработени. Станува збор, според него, за инженери и кадар за сајбер-безбедност, мрежи и хардвер.
Дополнителниот економски ефект го гледа во потребата од обезбедување, храна, транспорт, логистика, царинење, како и финансиски и правни услуги.
„Клучот ќе биде да го создадеме екосистемот околу секој од овие податочни центри. Јас би сакал да бидат два-три во државава, во коишто ќе создадеме два-три екосистеми и овие места ќе заживеат дополнително“,
вели министерот.
Андоновски смета дека не треба да се потценуваат ниту привремените ангажмани во фазата на изградба. Според неговата процена, изградбата на центар од околу 50 мегавати би траела две до три години и би ангажирала 300–400 лица, вклучително за поврзување на електроенергетската мрежа и инсталирање опрема.
Привлекувањето дата-центри го поврзува и со потребата македонската економија да ја намали зависноста од автомобилската индустрија. Според него, дел од инженерите што сега работат во тој сектор, со дополнување на вештините, би можеле да преминат во дата-центрите.
За тоа кога би можеле да се очекуваат конкретни проекти, Андоновски вели дека би сакал до крајот на мандатот да има неколку потврдени инвестиции, повикувајќи се на изградбата на вакви капацитети во земји од регионот.
