Одговарајќи на новинарско прашање, собранискиот спикер кажа дека тој својот став го изнел на својот личен фејсбук-профил и во него никаде не се повикал на Собранието, како институција чиј претседател е
За потсетување, Гаши дента (16 септември) откако Специјализираниот совет ги изрече пресудите за поранешните водачи на ОВК – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими, во објава на својот фејсбук-профил, меѓу другото, напиша дека тие припаѓаат на славно поглавје во историјата на Косово
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вели дека реакцијата што тој ја објави по изрекувањето на пресудата за четворицата поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) била негов личен, а не став поврзан со високата државна функција што ја извршува.

Гаши ова го кажа одговарајќи на прашања на денешниот брифинг со новинарите, а го повтори и во изјава по завршувањето на редовната средба со претставниците на медиумите. Имено, Гаши пред камерите беше прашан како сметал дека направи дистинкција меѓу функцијата што ја извршува и тој како личност, кога бил свесен дека неговиот став во однос на пресудата на ексводачите на ОВК ќе предизвика реакции.
Одговарајќи на прашањето, собранискиот спикер кажа дека тој својот став го изнел на својот личен фејсбук-профил и во него никаде не се повикал на Собранието како институција чиј претседател е.
Во тој контекст, Гаши изјави оти очекува и од новинарите и од граѓаните да сфатат дека тој не може 24 часа да биде само претседател на Собранието.
„Очекувам и вие новинарите, и граѓаните да сфатат дека личноста Африм Гаши не може да биде 24 часа, и од политички аспект, само претседател на Собранието. И затоа свесен дека не го кажувам тоа од позиција на претседател на Собранието, тоа беше мој личен став од моето политичко минато и затоа беше јасно дека никаде не се повикав на Собранието или на институцијата. Затоа би сакал и вие и граѓаните да разберат дека тоа е мој личен став и не треба да се меша со функцијата која ја извршувам“,
изјави претседателот на Собранието.
За потсетување, Гаши дента (16 септември) откако Специјализираниот совет ги изрече пресудите за поранешните водачи на ОВК – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими, во објава на својот фејсбук-профил, меѓу другото, напиша дека тие припаѓаат на славно поглавје во историјата на Косово. Посочувајќи оти станува збор за првостепена пресуда на која е дозволена жалба, претседателот на Собранието наведе и дека тоа е „денот кога сите треба да застанат заедно, и со достоинство и смиреност да докажат дека нивните умови и срца се блиску до ослободителите на Косово и нивните семејства“.
Ставот на Гаши наиде на остра реакција од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), од каде како крајно несоодветни ги оценија позициите што тој ги објави на социјалната мрежа. Аргументот на СДСМ беше дека Гаши не може да настапува со двојни стандарди кога станува збор за судски пресуди, бидејќи извршува државна функција, односно е претседател на законодавниот дом и претставник на држава чија цел е членство во Европската Унија.
Инаку, покрај Гаши, и неговата партија Влен, која е дел од Владата, ја оцени за неправедна и неприфатлива пресудата на Специјализираниот совет на Косово во Хаг против четворицата ексводачи на ОВК. Според Влен, изречените казни се високи и неприфатливи.
И лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, претходно ја квалификува како неправедна и длабоко разочарувачка пресудата против поранешните водачи на ОВК. Тој повика на воздржаност и единство во овие, како што ги нарече, тешки моменти и порача дека со верба во правдата битката ќе продолжи со жалбената постапка.
Специјализираниот совет на Хаг на 16 септември ги осуди на повеќегодишни затворски казни поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели, прогласувајќи ги за виновни за воени злосторства извршени за време на војната во Косово. Хашим Тачи и Јакуп Красниќи добија затворски казни од по 25 години, Кадри Весели е осуден на 18 години затвор, а Реџеп Селими доби казна затвор од 13 години.
Претставници на Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Обединетото Кралство повикаа да се прифати и да се почитува хашката пресуда со која водачите на поранешната ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи добија долги затворски казни за извршени воени злосторства во текот на косовската војна за независност во 1998 и 1999 година.
