Од Кривичниот суд потврдуваат дека гаранцијата што ја понудил Јованов пристигнала во судот и дека станува збор за недвижен имот што тој го става под хипотека. Предлогот, во меѓувреме, е испратен на мислење во Обвинителството, по што судот треба да донесе конечна одлука
Сопственикот на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов-Деко, понудил 12 милиони денари или околу 200 илјади евра во недвижен имот, како гаранција дека нема да побегне откако ќе излезе од притвор.

Имено, како што веќе соопштија од Основниот кривичен суд Скопје, последното продолжување на притворот на Дејан Јованов-Деко трае до 3 октомври, по што тој ќе се брани од слобода бидејќи законот определува дека тој може да ја издржува мерката најмногу една година од оцената на обвинителниот акт.
Како што изјавила неговата бранителка, адвокатката Ивана Коцевска, за „Слободен печат“, во гаранцијата нејзиниот клиент го понудил целокупниот недвижен имот што е на негово име, а дополнително бил додаден и имот од член на неговото семејство.
Според неа, гаранцијата била поднесена во петокот и се очекува оваа недела судот да одлучи во однос на неа.
„Сметаме дека гаранцијата е повеќе од доволна за да го обезбеди неговото присуство, дотолку повеќе што во оваа постапка веќе се прифатени гаранции и за други сообвинети лица, а со тоа очекуваме еднаква примена на Законот и фер судење и за Јованов“,
вели бранителката на Јованов.
Дека сопственикот на „Пулс“ е подготвен да даде гаранција таа најави пред една недела, велејќи во изјава за медиумите дека ваквиот потег е со цел да се убеди и јавноста и судот дека тој нема избега по излегувањето од притвор.
Од Кривичниот суд потврдуваат дека гаранцијата што ја понудил Јованов пристигнала во судот и дека станува збор за недвижен имот што тој го става под хипотека.
Предлогот, во меѓувреме, е испратен на мислење во Обвинителството кое треба да го каже својот став, по што судот треба да донесе конечна одлука.
Бранителката на Јованов, во изјава за телевизијата Телма рекла дека и покрај тоа што дел од неговиот имот е замрзнат поради судскиот процес во кој тој е првообвинет, имотот може да биде понуден како гаранција.
„Предметот е под голем притисок од јавноста и очекувам дека за кусо време ќе се добие мислење од Обвинителството и одлука од судот“,
вели Коцевска.

Дејан Јованов-Деко, кој е првообвинет во предметот за пожарот во т.н. кабаре, беше приведен веднаш по трагичниот настан на 16 март, а неколку дена подоцна, односно на 23 март, судот на предлог на обвинителството му одреди мерка притвор.
Од Кривичен неодамна појаснија дека имајќи предвид дека обвинителниот акт за предметот е оценет на 3 октомври 2025 година, согласно Законот за кривична постапка, притворот на Јованов може да му биде продолжуван најмногу до една година од овој датум, односно до 3 октомври 2026 година.
Судскиот процес, во кој покрај него се обвинети уште 33 лица и три фирми, почна на 19 ноември минатата година и сè уште е во тек.
Во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
