Тројцата соизвршители на 17 септември со товарно возило полно со отпад дошле кај депонијата „Буково“, каде почнале да горат гумени отпадни кабли, со цел од нив да ги издвојат бакарните жици
Од согорувањето се создал чад, од кој во воздухот се испуштени штетни материи
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид донесе наредба за спроведување истражна постапка за три лица, осомничени дека сториле кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад.

Во описот за случајот, од Обвинителството велат дека тројцата соизвршители на 17 септември со товарно возило полно со отпад дошле кај депонијата „Буково“, каде почнале да горат гумени отпадни кабли, со цел од нив да ги издвојат бакарните жици. Од согорувањето се создал чад, од кој во воздухот се испуштени штетни материи.
Како што информираат од Обвинителството, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд во Охрид доставил предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени, поради опасност од нивно бегство и можност да влијаат врз сведоци во постапката.
