Лидерот на СДСМ претходно денеска обвини дека премиерот Христијан Мицкоски ги распродава националните богатства со најавата за изградба на дата-центри и проектот за изградба на рудник за ископ на антимон
Филипче се најде да зборува за распродавање, а не трепна кога Заев ги распродаваше името, јазикот и Уставот – коментираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако претходно денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека премиерот Христијан Мицкоски ги распродава националните богатства со најавата за изградба на дата-центри и проектот за изградба на рудник за ископ на антимон.

Одговарајќи на ваквите обвинувања, од владејачката партија оценија дека на Филипче му пречи секој успех на земјата, но и економските политики на Владата, за кои оценија дека ја движат државата во правилна насока.
„Селективната принципиелност на Филипче е смешна – му пречат дата-центри, не му пречат провизии од вакцини. Неговиот мандат како министер јасно покажа дека му одговара само некој тендер, провизија од вакцина, па дури сакаше и да одземе болница со уцени за судски спорови. Нека се преиспита што точно му одговара, дека до сега знаеме оти не му пречат висококатниците во Дубаи, златни визи, јахтите во Грчка, знаеме дека е фан на Џиновиќ и на Заев, ама не знаеме зошто му пречат сите неуморни напори на Владата да ја води државата напред“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција ја искритикува најавената изградба на дата-центри, како и проектот за рудник за ископ на антимон, обвинувајќи дека власта на чело со Мицкоски ги распродава националните богатства и ги договара проектите заради свои лични бизнис-интереси. Рече дека СДСМ не е против технолошки напредок на државата, туку против приватните бизнис-интереси на власта и на премиерот.
