Од партијата бараат јавно објавување на сите лабораториски извештаи за Струмичко, Гостивар, Лепенец и Вардар, како и одговорност од министерот за кој велат „ги крие информациите и имињата“ на загадувачите

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека не станува збор за инцидент тоа што од вчера е забранета водата за пиење во четири села во Струмичко, туку оти тоа е реалната слика во државата.
Оттаму велат дека Агенцијата за храна и ветеринарство ја забранило водата за пиење во селата Рич, Попчево, Белотино, Вељуса во Струмичко бидејќи нема резидуален хлор, а има бактерии индикатори за фекално загадување.
Од СДСМ посочуваат дека веќе 11 недели за Гостивар нема целосен, јавно објавен и потпишан извештај за безбедноста на водата, потсетувајќи на случаите на труење кај околу 5 000 граѓани.
Од партијата реагираат дека реките Лепенец и Вардар повеќе од еден месец се загадени, а надлежните институции сè уште ги кријат имињата на загадувачите.
„Обезбедувањето безбедна вода за пиење е прва и основна обврска на една држава. Кај ВМРО-ОКГ, таа е последна“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Од СДСМ ги обвинуваат премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски дека не знаат да го заштитат здравјето на граѓаните бидејќи „не управуваат со здравјето – управуваат со молк“.
„Кога има за концерт 5,53 милиони, документите се кријат. Кога има дата-центри, водата се ветува под радар. Кога има труење, се чека народот да заборави. Ама народот не заборава“,
додаваат од СДСМ.
Од партијата бараат јавно објавување на сите лабораториски извештаи за Струмичко, Гостивар, Лепенец и Вардар, како и одговорност од министерот, за кого велат, „ги крие информациите и имињата“ на загадувачите.
Вчера од Општина Струмица соопштија дека се забранува водата за пиење во струмичките села Рич, Попчево, Белотино и Вељуса. Одлуката, како што рекоа, е донесена од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) по спроведен вонреден инспекциски надзор.
Освен за пиење, водата се забранува и за подготовка на храна и послужување во јавни објекти.
