Адвокатот на Тачи, Лука Мишетиќ, во објава на Икс ја пренесе пораката во која екскомандантот на ОВК им се заблагодарува на граѓаните за нивната поддршка, оценувајќи ја пресудата како неправедна
Поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Хашим Тачи, преку својот адвокат ги повика косовските граѓани да останат смирени откако тој и уште тројцата поранешни команданти на ОВК пред два дена беа осудени за воени злосторства од страна на Специјализираните совети на Косово во Хаг.

Адвокатот на Тачи, Лука Мишетиќ, во објава на Икс ја пренесе пораката во која екскомандантот на ОВК им се заблагодарува на граѓаните за нивната поддршка, оценувајќи ја пресудата како неправедна.
„Хашим Тачи сака да ја изрази својата искрена благодарност за големата поддршка што тој, како и Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, ја добија од народот на Косово и од меѓународната заедница, и ги повикува граѓаните на Косово да останат смирени како одговор на неправдата“,
напиша адвокатот на Тачи, Лука Мишетиќ, во објава на Икс.
Специјализираните совети на Косово во Хаг го осудија Тачи на 25 години затвор. Истата казна му беше изречена и на Јакуп Красниќи, Кадри Весели беше осуден на 18, а Реџеп Селими на 13 години затвор.
- Хашим Тачи осуден на 25 години затвор
- Поранешните водачи на ОВК – Красниќи, Весели, Селими осудени на 25, 18 и 13 години затвор
Адвокатот на Тачи најави дека пресудата ќе биде обжалена, тврдејќи дека имало значајни правни и фактички грешки што ја нарушиле правичноста на постапката. Во објавата тој пишува дека за време на судењето, одбраната изразила загриженост за правичноста на постапката и наводната пристрастност на членовите на советот.
„Одбраната верува дека интервенциите на судот отишле надвор од вообичаената рамка за утврдување на вистината, со што го нарушиле изгледот на непристрасност што го бараат меѓународните судски стандарди. Овој недостаток на непристрасност сега се рефлектира во пресудата на судскиот совет“,
додава адвокатот Мишетиќ во објавата на Икс.
Специјализираните совети на Косово во Хаг ги осуди на долгогодишни затворски казни четворицата поранешни водачи на ОВК, прогласувајќи ги за одговорни за воени злосторства.
