Со посетата на Вашингтон и со декларативни изјави, според лидерот на СДСМ, власта нема да ја промени состојбата во земјава, која, како што оцени, им е многу добро позната на стратешките партнери. Доволен сигнал за состојбите што се случуваат во земјава, вели Филипче, е фактот што првпат од воспоставувањето на дипломатските односи со САД се намалува американската помош за Македонија
Делегацијата предводена од Христијан Мицкоски во САД е составена од четири јавачи на апокалипсата за Македонија – изјави вечерва лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, додека владина делегација во моментов е во официјална посета на Вашингтон.

„Четворицата кои се во делегацијата се јавачите на апокалипсата за Македонија. Да не се чудат ако таму добијат црвен картон. Поради нив нема развој, цвета корупцијата и поради нив Македонија е слепо црево на Европа“,
рече Филипче.
Со посетата на Вашингтон и со декларативни изјави, според него, власта нема да ја промени состојбата во земјава, која, како што оцени, им е многу добро позната на стратешките партнери. Доволен сигнал за состојбите што се случуваат во земјава, вели Филипче, е фактот што првпат од воспоставувањето на дипломатските односи со Соединетите Американски Држави, се намалува американската помош за Македонија
„Со децении поддршката од САД континуирано се зголемуваше. Сега, кога на власт е Христијан Мицкоски, за првпат САД намалуваат дел од помошта. Наместо развој, реформи и европска интеграција, власта на Мицкоски произведува изолација, корупција и демократско назадување. Мицкоски не може во Вашингтон да ја сокрие вистината за Македонија. Стратешките партнери гледаат дека демократијата се поткопува, медиумите се ставаат под контрола, корупцијата цвета, а државата се турка во изолација. Затоа оваа делегација не носи добра вест за Македонија – таа е симбол на апокалипсата што оваа власт ѝ ја приредува на државата“,
вели лидерот на СДСМ во интервјуто за Канал 5.
Освен дека ја оддалечува од стратешките партнери, Филипче ја обвини Владата дека ја блокира европската иднина на земјава, отворајќи простор за засилено руско, кинеско, српско и унгарско влијание.
„Условите за продолжување на европскиот пат не се променети. Власта изгуби драгоцено време додека Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина напредуваат. Ние стоиме во место. Младите се селат, нема пари и тонеме во сиромаштија. Нема ништо да се смени во условите, а ние само губиме време. Оваа власт не сака реформи и не сака Европско обвинителство. Затоа Мицкоски ја држи државата во изолација и надвор од европскиот пат“,
вели Филипче.
