Проверката ја прават група граѓански организации. Следат ограничен број ветувања. На нивниот симболичен семафор доминираат црвената и жолтата боја кои означуваат или дека нема или дека напредокот кон исполнување на ветувањата под мониторинг е ограничен
И ние се обративме до дел од општините кои се под мониторинг. Две не ни одговорија. Од другите две градоначалниците тврдат – семафорот наскоро ќе се смени во полза на нивните ветувања
Наоѓање слободно паркинг-место во скопски Чаир често е мачна битка за жителите на општината. Не само што се полни малубројните паркинзи, туку нема место и на тесните улици, па и онаму каде што не смее да се паркира – на тротоарите.

Токму затоа изградба на нови паркинг места, како и изградба на подземна гаража кај плоштадот Скендербег, се едно од клучните ветувања на политичарите кога станува збор за Чаир. Не толку одамна, пред две години, дури и Владата даде такво ветување.
(види видео во линк. Изјавата е 5:15-5:24)
Изет Меџити – вицепремиер
„Верувам дека постапката за тендер ќе се отвори наскоро и на почетокот на 2025 година ќе почнат градбите…“,
рече Меџити.
А, една година подоцна, но во капацитет на кандидат за градоначалник, Изет Меџити повторно вети паркинг под Скендербег и други катни гаражи. Кога ќе почне ветеното да се гради? Прашавме, но не ни одговорија од Општина Чаир.

Но, дали и колку се реализира предизборно дадениот збор, редовно на терен следи невладината организација „Асистив центар“. Оттаму велат, мерките за паркирање се предвидени во општинските програми и буџети, но се уште не е утврдена јасна и видлива теренска реализација.
„Во оваа фаза, според мониторингот, постои програмско планирање, но јавноста нема доволно редовни, детални и лесно достапни информации за тоа во која фаза е секој проект, кои постапки се започнати, кои средства се обезбедени, кои се роковите и кога граѓаните можат да очекуваат конкретна реализација. Затоа нашата оценка е дека состојбата е во подготвителна и планска фаза, но со потреба од поголема транспарентност и појасна динамика на реализација“,
велат од Асистив центар.
Тоа што во Чаир го прави невладината „Асистив центар“, во Општина Центар го прави националната мрежа „Жените за жените“ – го следат исполнувањето на предизборните ветувања на актуелната локална власт.
Градоначалникот Горан Герасимовски и неговата администрација се под лупа за две континуирани мерки од социјалната сфера.
„Тоа се мерките, значи услуги до граѓаните коишто се спроведуваат со ангажирање на оператори, односно невладини организации, и втората е грижа за повозрасни лица, односно пензионери во социјален ризик. И двете мерки коишто ги набљудуваме се редовни, значи континуирани ги има во општината, значи секоја година и во претходните изборни програми биле и продолжуваат овие мерки“,
вели Ефтимовска.

Оливера Ефтимовска оценува дека комуникацијата со општинските служби е генерално позитивна. Сепак, смета дека има простор за подобрување.
„Транспарентноста. Значи може да се подобрат и самите постапки во однос на… нема јавна набавка, оди со јавен оглас, може за потранспарентно, значи, да има јавна набавка во однос на мерките“,
изјави Ефтимовска.
И исполнетото и неисполнетото, невладините организации го бележат и јавно го објавуваат во форма на семафор на посебна интернет-страница. За конкретните мерки во Општина Центар има – жолто светло за социјалните услуги и црвено за поддршката на пензионерите.

Клучно кај полошата оценка, се чини, е тоа што не се спроведуваат конкретни активности и што општината не одговара на барањата за пристап до информации од јавен карактер
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, тврди дека не станува збор за застој. Уште од старт таков бил планот за исплати за еднократна помош.
„Во минатото беше 2 500 денари, којашто за прв пат ја отпочнав јас како градоначалник во мојот прв мандат, и ветувањето во предизборието во вториот мандат беше дека истата ќе биде дупло зголемена, односно од 2 500 денари на 5 000 денари. И обично во изминатите години истата… се исплаќаа во месец ноември или декември. Така ќе биде и оваа година и она црвено коешто свети на нивните табели ќе биде зелено за неколку месеци“,
изјави Герасимовски.

Тој додава и дека грижата за највозрасните граѓани не се исцрпува само низ едно предизборно ветување. Таа се проширува, тврди Герасимовски, преку други тековни проекти.
„Имаме „Нега за стари лица“, одличен проект којшто, посетуваме 90 домаќинства на повозрасни жители и нашите служби, заедно со „Хуманост“, невладина организација којашто во соработка со општината го спроведува проектот, им овозможуваме подобрување на секојдневните животни потреби на нашите повозрасни жители со купување одредени продукти за прехрана, плаќање на сметки, физикални услуги итн“,
вели Герасимовски.
Центар и Чаир се само две од вкупно 14 општини што ги набљудуваат активисти од граѓанскиот сектор. Следат дали политичарите ќе ги остварат ветувањата. Не сите ветувања, туку по едно до две. Активностите се дел од Програмата за поддршка на изборите кој што е проект на Владата на Швајацрија спроведен од Меѓународната фондација за изборни системи – ИФЕС
Така, на истокот во Делчево, фокусот на граѓанскиот сектор е насочен кон младинските политики. Од двете ветувања, едното е речиси исполнето.
„Младинскиот центар да, е отворен, постои основна опрема, постои просторија каде што се случуваат работите. Доделена е истата… Младинскиот центар е доделен на организација невладина којашто ќе раководи со неа и истовремено постои и координатор на Младинскиот центар. Со тоа создадени се сите предуслови да функционира Младинскиот центар“,
изјави Биковски.

Втората мерка што се набљудува има за цел да го ублажи иселувањето преку олеснување за градење на дом за младите парови. Тука, тврдат од граѓанскиот сектор, недостасуваат јасни критериуми.
„Оваа мерка којашто се наоѓа во програмата на градоначалникот, урбанизација на Таушанско Маало, којашто треба да обезбеди, да речеме, домување за 30 семејства, треба да биде колку што е можно потранспарентна и да биде во интерес на младите. Да видиме кон кого е насочено, дали кон оние коишто се поранливи, дали кон оние коишто се со средни приходи и кому, кој се може да ја искористи“,
вели Биковски.
Ветувањето главно се состои во формирање парцели со повластени давачки. Градоначалникот Иван Гоцевски вели дека се работи на ветувањето, но и дека општината прво мора да заврши неколку клучни административни процедури.
„Ние планираме да ја пренамениме за А1, т.е за семејно домување со повластени комуналии за да можат, нели, нашите нови брачни парови да можат да си купат парцела со претходно утврдена урбанизација, со направена урбанизација, со повластени комуналии. Т.е комуналии коишто ќе бидат претходно утврдени со тарифник на Совет и да бидат многу, многу пониски од тие коишто сега реално се како можност и по тарифник на Општина Делчево“,
кажа Гоцевски.

Кога станува збор за Младинскиот центар, Гоцевски е задоволен што Делчево е една од ретките општини во земјава што нуди ваква услуга. Вели дека дополнително се работи и на нова стратегија за млади.
„Ние веднаш пристапивме на реализација на овој проект и ние веќе во Делчево имаме Младински центар којшто е во склоп на старото општинско собрание, во просторија којашто е сопственост на Општина Делчево. За волја на вистината, имаме потпишано меморандум со една невладина организација овде во Делчево и имаме одлична соработка, за што сме им благодарни“,
изјави Гоцевски.
Во западниот дел од земјата, една од општините кои се под мониторинг е Гостивар. Дали се исполнува ветувањето за бесплатни мамографски прегледи и ветувањето за финансиска поддршка за жени жртви на семејно насилство?
И за двете мерки, семафорот на набљудувачите покажува – црвено. Мониторинг врши истата невладина која е задолжена за Центар.
„Во моментов не се реализирани затоа што првата мерка имаат проблем со апаратите коишто треба нели да се вршат прегледите, така што тоа ни беше кажано од страна на општината дека малку ќе се пролонгира, меѓутоа ќе треба да се реализира мерката. Во однос на програмата, исто така, значи исплатата малку не оди редоследно… мислам, не оди навремено како што треба“,
вели Ефтимовска.

Дополнителен проблем во Гостивар е што граѓаните не се информирани, на пример дека им следува помош ако се жртви на семејно насилство.
„Значи дури не знаат ни што значи мерката и сметаме дека тука навистина треба да се работи на подигнување на свеста за родова еднаквост. И мислам дека тука треба навистина и буџет да има за себе каде што ќе стигнат до граѓаните“,
изјави таа.
Мониторингот над исполнувањето на ветувањата дадени од локалните власти во Гостивар, Делчево, Центар, Чаир и во уште 10 други општини продолжува. Градоначалниците се во првата година од своите сегашни мандати и имаат време да го обојат семафорот во зелено. Но, не треба и да се заборави дека не попусто се вели – времето лета.
Ова видео е подготвено во рамките на швајцарскиот проект Програма за поддршка на изборите имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Содржината на никаков начин не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија и на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС)
