Рече дека кога кај политичарите и државните органи се појавува нервоза поради одлуките на Уставниот суд, тоа најчесто значело дека Судот ја вршел својата уставна функција независно и без компромиси

Во уставното судство не смеат да постојат „чувствителни“, „помалку чувствителни“ или „премногу чувствителни“ предмети, туку постои единствено уставна обврска Судот да одлучува, рече претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во воведното обраќање на регионалната конференција „Како да се зголеми довербата во уставните судови“, што денеска и утре се одржува во нивна организација.
Костадиновски нагласи дека неодлучувањето за одредени предмети никогаш не е неутрално бидејќи дозволува постојната состојба да продолжи да произведува правни последици.
„А кога таквата состојба е противречна и создава контроверзии, Уставниот суд, со своето неодлучување, толерира состојба на потенцијална неуставност и на тој начин станува соучесник во т.н. мека ревизија на Уставот“,
рече Костадиновски.
Тој смета дека таквиот пристап не ја гради довербата во институцијата туку напротив, создава впечаток дека постојат предмети за кои Судот нема подготвеност да ја преземе својата уставна одговорност.
Кажа дека уставната обврска Судот да одлучува донела критики, притисоци, обиди за влијание и бројни реакции, но за неколку месеци станало јасно дека дека политичките чинители и државните органи повеќе не можат да сметаат на комодитетот што со години постоел околу одредени прашања.
Како пример го посочи предметот за „Балансерот“ велејќи дека со него Уставниот суд покажал дека повеќе нема недопирливи предмети.
„Покажа храброст и одлучност и не се двоумеше да донесе одлука со која испрати јасна порака до сите носители на државната власт: комодитетот, комфорот што со децении го уживавте, повеќе го немате“,
додаде тој.
Рече дека кога кај политичарите и државните органи се појавува нервоза поради одлуките на Уставниот суд, тоа најчесто значело дека Судот ја вршел својата уставна функција независно и без компромиси.
Главниот фокус на конференцијата е ставен врз зајакнувањето на независноста, транспарентноста и отвореноста кон јавноста, а Костадиновски го истакна она што судот го прави во овој дел.
Тој рече дека од март оваа година, седниците на Уставниот суд се пренесуваат во живо, а судиите редовно ја информираат јавноста по секоја седница со цел одлуките да бидат целосно разбирливи за граѓаните.
„Целта не беше да ги направиме одлуките популарни. Целта беше тие да станат поразбирливи. Да им објасниме на нашите граѓани што конкретната одлука значи за нивните права и слободи, но истовремено и државните органи да разберат дека Судот одлучува исклучиво врз основа на правни аргументи, а не под влијание на политички, етнички, верски или какви било други преференции“,
кажа Костадиновски.
Со оформени вкупно 239 предмети заклучно со минатиот месец, Костадиновски рече дека Судот бележи рекордна бројка во споредба со претходните години, што е показател за зголемената доверба од јавноста.
Според него, напредокот во работењето на Судот го потврдуваат и оценките содржани во Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото за 2026 година. Во него Комисијата констатира дека Судот продолжил да ги унапредува своите капацитети за заштита на уставноста и законитоста.
„Најсигурниот показател дека Уставниот суд навистина ја исполнува својата уставна улога не се аплаузите што ќе ги добие, туку моментот кога носителите на политичката моќ ќе сфатат дека повеќе не можат да сметаат на институционален комодитет и дека единствената граница на нивното постапување е Уставот“,
додаде Костадиновски.
