Опозициската Левица претходно обвини дека не се објавени бодовите на официјалната ранг-листа за прием на студенти во студентските домови, оценувајќи дека бодовите се суштината во постапката бидејќи кога за едно легло конкурираат повеќе студенти, јавноста мора да знае по кои критериуми е избран едниот, а одбиен другиот
Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли како невистинити обвинувањата дека МОН ги крие и не ги објавува бодовите и ранг-листите за прием во студентските домови. Претходно вакво обвинување изнесе опозициската Левица, оценувајќи дека бодовите се суштината во постапката бидејќи, како што велат, кога за едно легло конкурираат повеќе студенти, јавноста мора да знае по кои критериуми е избран едниот, а одбиен другиот.

„Жалосно е што во јавноста се шират дезинформации. Апсолутно тврдам, ранг-листите се објавени на примените, но објавена е и ранг-листа на непримените со објаснување зошто не се примени“,
изјави Јаневска прашана како ги коментира обвинувањата што на нејзина смета ги упати опозициската Левица.
Министерката вели дека студентите кои студираат седма или осма година или оние чии родители имаат енормно високи примања се меѓу одбиените бидејќи не ги исполнуваат условите за прием во студентските домови.
„Како и да е, критериумите се објавени јавно, ги има во огласот“,
изјави Јаневска додавајќи дека студентите се запознаени со условите за прием во студентските домови.
Реагирајќи на изјавата на Јаневска, од Левица обвинија дека покрај списоците на примени студенти, треба јавно да се објават и освоените бодови врз основа на кои е направено рангирањето, што, според нив, не е сторено. Опозициската партија оцени дека необјавувањето на бодовите ја ограничува можноста студентите да проверат како е извршено рангирањето и дали критериумите биле еднакво применети. Ја обвинија Јаневска и дека и во други случаи давала изјави кои, според нив, не се совпаѓаат со официјалните документи на Министерството.
