Презентирајќи го Годишниот извештај, Савески рече дека бројот на обвиненија што јавните обвинителства ги поднеле во 2025 година е зголемен за 334 во споредба со 2024 година, што најмногу се должи на зголемувањето на бројот на обвинителни акти
Еден обвинител работи за тројца, што влијае врз темпото на постапките, но не и врз квалитетот на обвинителните одлуки, рече државниот јавен обвинител Ненад Савески на денешната презентација на Годишниот извештај за 2025 година пред Советот на јавните обвинители, кој ја опфаќа работата на 22 основни јавни обвинителства, четири виши обвинителства и Обвинителство за гонење на организиран криминал инкорупција (ОЈО ГОКК).

Посочи дека проблемите со човечките ресурси, просторните услови и ограничените финансиски средства се повторуваат со години и директно влијаат врз ефикасноста на институцијата.
Апелира за брзо донесување на Законот за јавно обвинителство, кој подолго време е во собраниска процедура, со почитување на препораките на Венецијанската комисија, особено во делот на процентот од буџетот што треба да се издвојува за Обвинителството.
Јавните обвинителства лани поднеле 334 обвиненија повеќе во споредба со 2024 година
Презентирајќи го Годишниот извештај, Савески рече дека бројот на обвиненија што јавните обвинителства ги поднеле во 2025 година е зголемен за 334 во споредба со 2024 година, што најмногу се должи на зголемувањето на бројот на обвинителни акти.
Во 2025 година биле евидентирани 25 615 новопријавени лица, додека од 2024 година биле пренесени 51 474 случаи, односно вкупно 77 089 случаи.

Оцени дека обвинителствата работеле законито, стручно и релативно ажурно, но како проблеми ги посочи недостигот на човечки ресурси и несоодветните просторни услови.
Од вкупно 261 предвидено место за јавни обвинители, пополнети се 194, односно 67 места се непополнети.
На седницата Советот на јавните обвинители го усвои и новиот Правилник за спроведување интервју во постапките за избор и начинот на презентација на јавните обвинители, со кој се утврдува формална рамка за спроведување на интервјуто во постапката за избор.
