Станува збор за една шема во која средствата добиени преку наводната измама со железничките пруги биле префрлани преку фиктивна фактура и договор за цесија, а потоа конвертирани во девизи, дел подигнати во готово и дел искористени за купување возило
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе кривична пријава против пет физички лица и две правни лица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела перење пари и други приноси од казниво дело, измама, фалсификување или уништување деловни книги и даночно затајување.

Станува збор за една шема во која средствата добиени преку наводната измама со железничките пруги биле префрлани преку фиктивна фактура и договор за цесија, а потоа конвертирани во девизи, дел подигнати во готово и дел искористени за купување возило.
Според пријавата, првопријавениот Д. К., како сопственик на правен субјект од Скопје, во текот на 2022 година довел и одржувал во заблуда правно лице од Словенија, со кое склучил договор за купопродажба на железнички пруги во вредност од 21,6 милиони денари.
Од словенечката компанија, според Финансиската полиција, биле уплатени 283 310 евра, односно 17,4 милиони денари, како аванс. Пријавениот не ја испорачал договорената стока, ниту ги вратил средствата, со што на оштетениот му била причинета штета во наведениот износ.
Оттаму, како што се наведува, следел трансфер на дел од средствата со цел да се прикрие нивното потекло.
Д. К. и Ф. Н., како управител и овластен потписник на сметката на скопското правно лице, потпишале налог за префрлање на 16 762 410 денари кон правно лице од Штип, врз основа на фиктивна фактура за наводна набавка на пилешки нозе.
Потоа, преку фиктивен договор за цесија, средствата биле префрлени на сметката на Х. Р.
Пријавената Ф. М., во својство на овластен сметководител, според наводите, не ја евидентирала Х. Р. како нов доверител и дополнително извршила сметководствено прикривање на трансакциите, евидентирајќи ги средствата како негативни книжења на картичката на купувачот.
Трансакциите, според пријавата, не биле прикажани ниту во Даночниот биланс за 2022 година.
Во шемата, според Финансиската полиција, учествувала и Д. М., како овластен потписник на сметката на правното лице од Штип. Таа непосредно по уплатата по фиктивната фактура ги префрлила средствата на сметката на Х. Р.
Оттаму, како што се наведува, Д. К., како овластено лице на сметката на Х. Р., дел од средствата ги конвертирал во девизи, од кои дел ги подигнал во готово, а дел ги искористил за купување возило.
Дополнително, Ф. Н., како управител на скопското правно лице, во текот на 2022 година, според пријавата, не го уплатил персоналниот данок на доход во износ од 1 885 370 денари за исплатените средства кон Х. Р.
Истовремено, Х. Р. не го пријавила остварениот приход во Годишната даночна пријава за персонален данок на доход за 2022 година.
Финансиската полиција наведува дека со преземените дејствија пријавените лица се сомничат дека го прикриле потеклото и локацијата на средствата прибавени преку кривичното дело, како и дека избегнале плаќање даночни обврски.
