Најчести прекршоци – 162 се за неносење рефлектирачки елек во ноќни услови, а 134 санкции се изречени за некористење велосипедска или пешачка патека

Министерството за внатрешни работи (МВР) преку Секторот за сообраќајни работи во текот на минатиот месец има спроведено засилени акциски контроли на целата територија на државата за санкционирање на прекршоците што ги чинат возачите на електрични тротинети.
При контролите се констатирани вкупно 606 прекршоци, а поради потешки прекршувања на правилата времено се одземени 18 електрични тротинети во времетраење од 30 дена.
Најчести прекршоци – 162 се за неносење рефлектирачки елек во ноќни услови, а 134 санкции се изречени за некористење велосипедска или пешачка патека.
За некористење кацига биле казнети 59 лица, а 45 санкции се изречени за превезување на две лица на еден тротинет.
При контролите било констатирано дека на тротинет се превезувале 20 малолетници.
Најголемиот дел од прекршоците, како што велат од МВР, се регистрирани на подрачјето на СВР Битола – 236, по што следуваат СВР Скопје со 97, Струмица со 82, Охрид – 57, Тетово со 27, Велес – 18, Штип – 13 и најмалку казни – 7 имало во Куманово.
Од Мобилната единица за безбедност во сообраќајот биле изречени 69 прекршоци.
Од МВР велат дека покрај контролата на тротинетите, полицијата во истиот период констатирала и 3 665 други сообраќајни прекршоци.
Од полицијата апелираат на доследно почитување на сообраќајните правила и најавуваат дека засилените акции продолжуваат и во наредниот период.
