Според МВР, првопријавената Б. Б. како раководителка на Сектор за урбанизам во Општина Карпош, заедно со второпријавената С. С. Ѓ., вработена во истиот сектор, на 23 јули 2025 година издале одобрение за градба иако знаеле дека ДУП за предметната локација бил укинат со одлука на Уставниот суд во 2018 година. Ова го сториле и покрај тоа што биле запознаени од насоките на тогашниот градоначалник на Карпош да не се издаваат изводи од планови и одобренија за градење за локации опфатени со укинати ДУП
Против ексградоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, и две службенички од Општината – Б. Б. и С. С. Ѓ. се поднесени кривични пријави за делата несовесно работење во службата и злоупотреба на службена положба и овластување. Случајот се однесува на издавање на одобрение за градење врз основа на Детален урбанистички план (ДУП) кој претходно бил укинат од Уставниот суд во 2018 година.

Според МВР, првопријавената Б. Б. како раководителка на Сектор за урбанизам во Општина Карпош, заедно со второпријавената С. С. Ѓ., вработена во истиот сектор, на 23 јули 2025 година издале одобрение за градба иако знаеле дека ДУП за предметната локација бил укинат со одлука на Уставниот суд во 2018 година. Ова го сториле и покрај тоа што биле запознаени од насоките на тогашниот градоначалник на Карпош да не се издаваат изводи од планови и одобренија за градење за локации опфатени со укинати Детални урбанистички планови.
„Откако третопријавениот потпишал договори со инвеститорите за регулирање на надоместокот за уредување на градежно земјиште без да изврши увид дека тие договори се однесуваат на барања поднесени за локација за која бил укинат ДУП и за кои самиот дал насоки да не се издаваат одобренија за градење, прво и второпријавените на 23.07.2025 на инвеститорите им издале Одобрение за градење, со што им овозможиле на инвеститорите противправно да се стекнат со право на изградба на објект во вредност од 10 427 518 денари“,
се наведува во пријавата на МВР.
Службеничките ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и кога на 29 октомври 2025 година им овозможиле на инвеститори противправно да се стекнат со право на изградба на објект во вредност од 13 021 914 денари, знаејќи дека кон поднесеното барање за издавање одобрение за градење инвеститорите имаат доставено основен проект изработен спротивно на важечкиот урбанистички план.
Во пријавата се наведуваат и два случаи во кои Б. Б., како раководителка на Секторот за урбанизам, издала решенија за градба на настрешници и покрај тоа што не биле исполнети законските и урбанистичките услови.
На 25 март 2025 година таа издала решение за градба на натстрешница која не била во функција на постоечки објект и која не била согласно важечкиот урбанистички план, туку засебен објект, поставен во простор со намена Д1 – парковско и пејзажно зеленило, односно во јавен простор и булеварски профил. Во случајот не била доставена ниту целосната документација од страна на инвеститорот, а не бил пресметан и наплатен ниту надоместокот за уредување на градежното земјиште.
Вториот случај се однесува на решение издадено на 30 јули 2025 година. И покрај тоа што за истата натстрешница претходно била поведена управна постапка и во 2024 година било донесено решение за нејзино отстранување, како и покрај непотполната документација и нерегулираниот надоместок за уредување на градежното земјиште, првопријавената повторно издала решение со кое се одобрува нејзината градба.
