Од СДСМ велат дека правдата за Кочани не смее да се разводни и да се одложи и бараат целосна, неселективна и вистинска одговорност за секој што дозволил, овозможил или прикривал незаконско работење во случајот. Обвинија дека премиерот го држи судството под контрола и ги штити своите, а жртвите и нивните семејства ги остава без правда
Осумнаесет месеци од трагедијата во „Пулс“, правдата за Кочани се топи пред очите на јавноста – велат од опозицискиот СДСМ обвинувајќи дека наместо брза и неселективна одговорност, јавноста е сведок на одолжување на постапките и ослободување на лица поврзани со случајот.

Опозиционерите велат дека правдата за Кочани не смее да се разводни и да се одложи и бараат целосна, неселективна и вистинска одговорност за секој што дозволил, овозможил или прикривал незаконско работење во случајот. Обвинија дека премиерот Христијан Мицкоски го држи судството под контрола и ги штити своите, а жртвите и нивните семејства ги остава без одговори и без правда.
„Мицкоски тврдеше дека ќе се повлече од политиката ако се докаже дека обезбедувањето во ‘Пулс’ е поврзано со ВМРО. Како и за сè друго што им ветил на граѓаните – излажа. Ниту се повлече, ниту понесе одговорност, ниту обезбеди правда. Додека Мицкоски зборува за ‘талог’ и ‘елита’, додека седи до државниот јавен обвинител и испраќа закани, родителите на загинатите повторно гледаат како институциите ја погребуваат правдата. Сега и ‘газда Деко’ е пред слобода. Ова веќе не е изолиран случај. Ова е систем“,
изјави на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Правдата на Мицкоски, велат од СДСМ, ги штити моќните и нанесува неправда за жртвите.
„Го ослободуваат Груевски и Латас. Враќаат имот стекнат со криминал на ВМРО-ОКГ. Телохранители на Мицкоски кои тепаат жени се спасуваат од одговорност. Нема одговорност за петте тони дрога пренесени преку граница. Нема одговорност за криминалните тендери вредни 200 милиони евра. Нема одговорност за водата во Гостивар, за загадените реки. Нема одговорност за тепањето млади во Ново Село. Така изгледа ‘правдата’ на Мицкоски“,
коментираат од СДСМ.
