Со предложените измени се прецизираат и правилата за застапување на јавниот интерес и се зајакнуваат механизмите за спречување прикриено и недозволено лобирање, вклучително и преку дигитални канали и социјалните мрежи
Покрај тоа, со измените се зајакнуваат и надзорот и контролата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а се предвидуваат и нови и повисоки прекршочни санкции за непочитување на законските обврски
На Единствениот национален електронски регистар за прописи (ЕНЕР) е објавен предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лобирањето, со кој се предлагаат мерки за поголема транспарентност, интегритет и отчетност во креирањето и спроведувањето на јавните политики, соопштија денеска од Министерството за правда.

Со предложените измени се проширува опфатот на лобирањето и на процесите на донесување, изменување, спроведување и евалуација на јавните политики. Се прецизираат и правилата за застапување на јавниот интерес и се зајакнуваат механизмите за спречување прикриено и недозволено лобирање, вклучително и преку дигитални канали и социјалните мрежи.
Предлог-законот предвидува и обврски за органите кај кои се лобира, поврзани со одговорите и остварувањето контакти, како и поголема транспарентност преку објавување информации за учесниците, застапуваните интереси, иницијативите и официјалните средби.
Со измените се зајакнуваат и надзорот и контролата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а се предвидуваат и нови и повисоки прекршочни санкции за непочитување на законските обврски.
Од Министерството за правда посочуваат дека целта е да се воспостави појасен и поефикасен систем во кој лобирањето ќе биде легитимен и транспарентен инструмент за учество во креирањето јавни политики, а истовремено ќе се спречува прикриеното и недозволено влијание врз јавните одлуки.
