На прашањето дали власта кренала раце од Кривичниот законик, првиот вицепремиер вели дека новиот министер за правда е посветен и на овој закон, но оти ова се закони што бараат поширок консензус и поддршка на повеќе нивоа
По промената во Министерството за правда, веќе има напори за усвојување на Изборниот законик, меѓутоа тоа сè уште е во фаза на преговори – изјави денеска првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, прашан до каде е усвојувањето на измените на Изборниот, но и на Кривичниот законик, кои се дел од обврските што земјава треба да ги исполни во рамките на Реформската агенда.

„Знаете дека ИЗ беше едногласно прифатен од повеќе политички партии кои се дел од Собранието, но во последен момент се повлекоа две политички партии, кои не ги поддржаа овие измени. По промената во Министерството за правда, веќе има напори за усвојување на овој закон, меѓутоа тоа е во фаза на преговори сè уште“,
изјави Сали пред почетокот на средбата на главни преговарачи и претставници надлежни за евроинтеграција од земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, како и од ЕК и меѓународните партнери.
На прашањето дали власта кренала раце од Кривичниот законик, Сали вели дека новиот министер за правда е посветен и на овој закон, но оти ова се закони што бараат поширок консензус и поддршка на повеќе нивоа.
„Ние сме многу посветени на реформската агенда која е дел од процесот на интегрирање, ги исполнуваме нашите чекори навремено. Се трудиме за новиот пакет, во кој ние сме топ-ап држава, во која се очекува да имаме дополнителни чекори во реформската агенда. Тука веќе имаме предложено 25 точки кои државата е спремна да ги реализира тие реформи. Се очекува од Европската комисија да ни потврди дали се согласуваат за тие чекори или имаат некакви дополнителни или други барања“,
рече Сали.
Вицепремиерот и министер за европски прашања порача дека земјава и останатите држави аспиранти за членство во Европската Унија мора да го забрзаат реформскиот процес преку координирана работа меѓу владите, парламентите и политичките чинители. Вели дека сите држави очекуваат процесот на проширување да биде транспарентен, заснован на заслуги и на реални интегративни резултати, кои придонесуваат за подобро функционирање на институциите, финансиска стабилност и поголема безбедност.
„Нема кратење или олеснување на процесот, туку размислување за негово забрзување. Прашањето е дали можеме заеднички да го забрзаме процесот кој трае со години и да го реализираме за две“,
порача Сали.
