Според Димитриеска-Кочоска, буџетот се полни во согласност со планираното, но, како што кажа, има одредени отстапувања во делот на акцизите
Министерството за финансии анализира дали ќе биде потребен нов ребаланс на буџетот за да се покријат , условно кажано, празнините во државната каса што ги создаваат мерките за амортизирање на ценовниот шок со горивата, или пак ќе се оди со пренамена на пари.

Ова денеска, одговарајќи на новинарско прашање го потврди ресорната министерка Гордана Димитриеска-Кочоска, наведувајќи дека кога бил подготвуван ребалансот на буџетот, изгласан од Собранието во јули, состојбите на Блискиот Исток биле помирни и не очекувале дека ќе се движат во друга насока.
Според Димитриеска-Кочоска, буџетот се полни во согласност со планираното, но, како што кажа, има одредени отстапувања во делот на акцизите.
„Во Министерството за финансии ќе донесеме одлука дали ќе одиме само со пренамена или ќе правиме ребаланс на буџетот. Податоците што ги имаме заклучно со 10 септември покажуваат дека буџетот се полни во согласност со планираното, во делот на акцизите имаме одредени отстапувања, кај увозните давачки имаме раст од речиси 10 проценти во однос на минатата година, кај ДДВ со 10 септември растот е 10,4 проценти во однос на минатата година, повратот на ДДВ-то е 10,1 проценти во однос на минатата година или тоа се 2,5 милијарди денари повеќе вратено ДДВ во однос на претходната година“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека идентична е ситуацијата и со данокот на добивка, персоналниот данок и придонесите, најавувајќи дека до крајот на неделата ќе има состанок со институциите од кои зависат приходите – Царинската управа и Управата за јавни приходи.
„Потоа, врз основа на нивни согледувања, ќе донесеме одлука дали ќе одиме со ребаланс или со пренамена. Но, доколку се одлучиме за ребаланс, тоа не е нешто што е непознато бидејќи и во претходните години имаше кризи и се носеле по два ребаланси. Ваквите состојби не зависат од нас и не може да се предвидат“,
рече министерката за финансии.
Два пати во годината, ребаланс на буџетот беше направен и за време на претходната влада предводена од СДСМ, а причина беа тогашната енергетска, а претходно кризата со ковид-пандемијата.
Според министерката за финансии засега не се планира ново задолжување, ниту нови мерки во однос на цените на горивата.
Последната мерка владата ја донесе вчера со намалување на ДДВ за дизел горивото о 18 на 10 отсто, а претходно беше намалена акцизата за дизелот и за безоловниот бензин.
Со намалувањето на ДДВ, цената на дизелот од полноќ, како што пресмета Регулаторна, ќе се продава за 99 денари по литар, односно ќе поевтини за два денари, додека, пак, бензините ќе поскапат за 3,5 денари. Со тоа, новата цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 100,50 денари за литар, додека еуросупер БС-98 ќе се продава за 102,50 денари за литар.
