Медицинската сестра Љубица Шавреска преку својот фејсбук-профил јавно се обрати до Министерството за здравство и до министерот, споделувајќи лично сведоштво за третманот што го добила во повеќе здравствени установи додека била во 24. недела од бременоста, која завршила со загуба на плодот
Министерството за здравство побара од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да изврши надзор над постапувањето на здравствените установи и медицинскиот персонал вклучени во случајот со медицинската сестра Љубица Шавреска, која го загуби плодот.

„Со внимание ги следиме и сочувствуваме со наводите изнесени во јавноста од страна на медицинската сестра Љубица Шавреска, а поврзани со третманот што го добила во текот на бременоста пред таа да заврши трагично со загуба на плодот. Свесни за тежината на искуството на пациентката и со цел целосно и објективно да се утврдат сите околности, веднаш инициравме барање до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за спроведување надзор над постапувањето на здравствените установи и медицнскиот перисонал вклучени во случајот“,
се вели во соопштението од Здравство.
Оттаму најавија и дека по спроведениот инспекциски надзор, ќе се формира комисија за стручен надзор над работата на здравствените работници што учествувале во лекувањето на пациентката.
„Доколку во постапката на инспекцискиот надзор се утврдат евентуални пропусти во постапувањето, ќе постапиме во согласност со важечките законски прописи“,
додаваат од МЗ.
Во соопштението се наведува и дека остануваат посветени на обезбедување квалитетна и достапна здравствена заштита за секоја пациентка, особено во случаи со висок ризик, како што е случајот на бременост со компликации.
Медицинската сестра Љубица Шавреска преку својот фејсбук-профил јавно се обрати до Министерството за здравство и до министерот, споделувајќи лично сведоштво за третманот што го добила во повеќе здравствени установи додека била во 24. недела од бременоста, која завршила со загуба на плодот.
Шавреска детално го опишува текот на настаните, од појавата на првите болки во Охрид, преку прегледот во Струга, па повторното враќање во Охрид, до заминувањето во приватната болница „Плодност“, потоа на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, и на крајот во болницата „Систина“.
