Министерот за социјална политика го спомна хрватскиот пример во насока да им се овозможи на осигурениците самите да решат дали ќе останат само во првиот државен фонд или ќе уплаќаат и во вториот, кој сега е задолжителен

Да не го нарекуваме укинување, туку реконструкција на вториот пензиски столб – вели министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан дали Владата ја разгледува опцијата за укинување односно национализација на вториот столб. Велковски посочува дека се земаат предвид повеќе параметри со цел да се зацврсти сиситемот и истовремено граѓаните да имаат поголеми пензии.
„Пред дваесетина години, кога првпат се воспоставува ваквиот систем на вториот столб на штедењето на осигурениците, а денеска овие 147 пензионери коишто излегоа за првпат да земаат и пензија од вториот столб, биле поставени на различни параметри. И тие параметри тогаш кога се воспоставувале, нели, со различна плата, различен број на вработени, активно население во Македонија, број на осигуреници, број на пензионери тогаш во системот на првиот столб којшто го имаме, и денеска… променети се комплетно, нели, сите овие параметри. Пред сè демографски се променети во Македонија изминатите 20 години. Опцијата којашто, нели, се отвори како дебатаа, мислам дека во последните месец и половина дадовме одговори, нели во неколку наврати и Владата, меѓутоа и ние како ресорно министерство, е дека е потребно да се провери овој систем. Да се направи проверка, за тоа и за таа цел, формирани беа одредени работни групи, одредени тела коишто треба да направат анализа да видиме со денешните параметри што значи штедењето во вториот столб, односно какви би биле приносите на идните пензионери коишто треба да излезат во пензија во годините коишто следат“,
вели Велковски.
На прашањето дали првите 147 пензионери кои земаат пензии од двата столба, ќе беа позадоволни ако биле осигурани единствено во првиот пензиски столб, Велковски вели – ќе покажат анализите.
Велковски: Ако се погледнат денешните пензионери коишто заминаа, овие првите оваа година коишто излегоа после само 20 години од постоењето на системот, се незадоволни поради висината на штедења којашто ја имале досега. Помал број на години, помала минимална или просечна плата во Македонија низ овие 20 години наназад ако ги земеме како параметри и денеска кога заминуваат како први во системот, на вториот пензиски столб, се нормално незадоволни.

„360 степени“: Но, сега прашањето е дали тоа е последица на објективни околности, како што и самиот велите – релативно краток период на осигурување на релативно ниска основа, односно плата – или е поради тоа што лошо функционира вториот столб?
Велковски: Ќе покажат параметрите. Зборувам, дополнително затоа и реков дека ќе треба да има дополнителна анализа на целиот систем токму ова за да го видиме – дали е слабоста на лошото менаџирање на вториот пензиски систем, односно вложувањата, процентот како се, нели, оплодувале средствата во овие 20 години на овие осигуреници коишто заминаа денес, и дали би било прашањето, дали би биле позадоволни доколку би останале во првиот систем. Сметам дека тука некаде би бил соодносот. Меѓутоа, ако продолжи така тенденцијата на ваквиот систем да функционира, идните може да бидат и понезадоволни, за жал.
Во однос на случајот со петтемина од 147 пензионери кои ја надминале максималната пензија благодарение на средствата од вториот пензиски столб, како позитивен пример, Велковски порачува дека при анализата за реформа на пензискиот систем ќе бидат земени предвид и тие аргументи.
„И јас затоа не говорам дека нема да има позитивни, добри примери. Ќе има одлични примери по тој основ. Меѓутоа, што ќе се случи доколку имаме, за жал, осигуреници коишто долг период ќе бидат на минимална плата пријавени? Еве, нели, во Македонија е постојана дебата и тоа прашање каде што одредени работници во голем процент се пријавени постојано на минимална плата“,
додава Велковски.
Велковски додава и дека се прават компаративни анализи со други европски држави кои имаат сличен пензиски модел во однос на можното укинување на вториот пензиски столб.

Велковски: Да не ја наречеме укинување. Јас не би ја нарекол укинување никогаш, бидејќи системот ако ги видите компаративно, еве ако дозволите уште кратко за тој дел – веќе воведени пред нас во модели како Хрватска, нели земја од Европската Унија којашто го вовела ова како нас како систем претходно, веќе имаат завршени анализи каде што прават реконструкција на вториот пензиски систем.
„360 степени“: Во која насока оди реконструкцијата?
Велковски: Во насока на самата реконструкција да биде во правец на доброволно да се пријавуваат или не самите осигуреници, да бираат дали да бидат помеѓу првиот и вториот, само во првиот систем и комбинација. Кај нас е веќе задолжително – мора да бидете и во двата.
